Во недостиг на суштинска дебата за идеолошки насоки за идните чекори, доминираа гадости од најнизок тип. Се достигна дното за кое никогаш не можеше да се претпостави, вака го почнува разговорот делегат од таканареченото „скопско крило“ во најголемата опозициска партија.
– Точен е тој впечаток за постоење поделби по неколку основи – градски, од внатрешноста, па за или против раководството, но немаше аргументи, односно услови за нормална аргументација, туку само желба за крв – го продолжува описот долгогодишниот член. Сака да остане анонимен, не за друго, како што вели, туку поради срамот што го видел таму и, навистина, не доликувало сега тоа да излегува надвор.
Партискиот портпарол Петре Шилегов таа атмосфера пред медиумите ја опиша како фер и демократска, во која едногласно биле поддржани и усвоени одлуките и извештаите на Извршниот и на Централниот одбор. Всушност, и на тие состаноци доминирале расправии на кои силата била пред аргументите.
Насилството пред зборот
За тие што помнат и на кои професионалната историја им е доволно долга, целата состојба требаше да биде пресликување на запаметениот случај „Панорама“. И тогаш Георгиевски, со помош на момци со избричени глави, се обиде да внесе ред, мир и поредок во партијата и насила да ја задржи ВМРО-ДПМНЕ во своите раце и да ја однесе во бојкот. Во тоа не успеа, односно победи концептот што го изгради актуелното ВМРО-ДПМНЕ, како партија со меѓународно реноме. Сега раководството на СДСМ се обиде и остана токму на мускули. Возачи и други ѕверки, како што за „Република“ ги опишуваат членови на сите средби што му претходеа на самиот конгрес, со навреди и најбрутални закани застанаа против тие што бараа одговорност. Се впуштија по доскорашните пратеници. На конгресот на дел од нив им беа затворани вратите за да не влезат во салата.
Дел од присутните се прашуваа од што толку се исплашил лидерот Заев за да ангажира дополнително обезбедување и јавноста пред време да биде истерана од салата, а како врв на сѐ луѓе без легитимации да се обидат да влезат во салата за да гласаат. На такви сценарија се укажуваше уште кога на Централниот одбор дел од високите функционери побараа одговорност.
Како најголема цел е посочувана довчерашната пратеничка Весна Бендевска. Преку довикувањата, навредите (кои не доликува да се објават во „Република“) и заканите за физички пресметки се сакало да се „вразумат“ тие што барале одговорност за поразот.
– Сум присуствувал на многу валкани сцени, како од каубојски или воени филмови, но на ваква валкана игра, каква што се одигра во СДСМ, не сум присуствувал. Сега навистина се сомневам во резултатите на конгресот и во поддршката што ја доби раководството – вели извор за „Република“.
Оцената е дека во врвот на СДСМ сега се штитат лични интереси, без да се има некоја стратегија за иднината.
– Целата фама за ново раководство е само фарса. За какви нови лица и 10 месеци раководство се зборува кога истите тие беа во раководството кога од партијата беа отстранети Бучковски, Рахиќ, Бузлевски. И да не се гледа во органите на партијата, и Шекеринска и Заев веќе биле на чело на партијата. Да не се лажеме дека тие немале искуство и дека сега биле фатени „на препад“. Поразот е очигледен, а како не ги признаваат резултатите кога Заев на една телевизија изјави: „Ние секако ќе ги загубевме изборите“. Со такво однесување за многу кратко време, со осмислен изговор во кој ќе доминираат зборовите „меѓународната“, „за добро на државата“, очекувам со амин на раководството избраните да седнат во парламентот – велат извори за „Република“.
Црнилата под тепих, сѐ е едногласно, а потоа молк
Од СДСМ никој не сака јавно да зборува за случувањата во подготовките и за време на конгресот. Иако се посочуваат истите работи, дури и од поддржувачите на раководството, никој не беше подготвен да застане со име и со презиме во неделникот „Република“. Затоа за тоа кој правец ќе го „фати“ СДСМ сега, „Република“ побара мислење од новинари-политички аналитичари.
Името СДСМ го уништија личните амбиции и интереси на поединци, вклучувајќи ги и лидерите. Поделеноста во партијата е огромна, нема „лепење“ и покрај повиците за сплотување, со прогноза дека СДСМ полека се движи кон судбината на грчкиот ПАСОК, вели Горан Трпеноски, уредник во дневниот весник „Вест“.
– Од 2004 година СДСМ се бори меѓу себе, кој да владее со партијата. Последниот конгрес беше финалето на самоуништувањето на СДСМ. Стана јасно дека нема единство и смирување на закрвените фракции во партијата. На тој конгрес, конечно, сопартијците му рекоа збогум на иконата на СДСМ, Бранко Црвенковски. На Заев му фали политичко искуство и мудрост, а, за жал, со кадарот околу себе не може во догледно време нешто да промени или да направи стратегија која ќе му донесе на СДСМ барем 400 илјади гласа или да извади на улица 100 илјади луѓе со што би го натерале ВМРО-ДПМНЕ да го прифати барањето за техничка влада која ќе спроведе фер избори. На СДСМ му треба форматирање на софтверот и на хардверот, односно комплетна реорганизација на сите нивоа. Сега никој, освен Заев и Шекеринска, не знае кој пат ќе го фатат. Не верувам дека имаат стратегија за излез од ситуацијата, посебно да прават „отпор 2“ бидејќи „отпорот 1“ предводен од Црвенковски пропадна, оти Заев и Шекеринска и други видни функционери тогаш беа против. Сега пак заговараат бојкот, а, реално, причините за тоа се помали. Ѓаволски тешко, СДСМ ќе може да излезе од кризата – вели Горан Трпеноски, уредник во дневниот весник „Вест“.
Лепа Ѓоргиевска од весникот „Дневник“ очекува Заев во иднина на дело да покаже дека ја научил лекцијата од двојните избори.
– Во СДСМ многу работи треба да добијат друга димензија, но мислам дека пораката од 13 и од 27 април е веќе разбрана и кристално јасна. Лидерот на самиот старт на, ако може да се рече, вториот мандат, прво треба да ги реши (ако е можно на позитивен начин) внатрепартиските бранови и да расчисти со „духовите од минатото“, па потоа да почне да се справува со надворешните фактори. Недостасува единство. Тоа во СДСМ е видливо веќе подолг период. Очекувано беше двете крила, за кои е јасно дека постојат, да дојдат на 11 мај наострени за расправа или дебата. И треба да има дебата. Но, нека вроди со плод, а не да носи поголеми компликации. Точно е дека се бркаа делегати, се делеа членовите на Скопје и внатрешноста, се трескаа врати … Но, барем, конечно, бевме сведоци на јавно кажан збор, а не на подметнувања. Барем сега е појасно кој за што е во СДСМ – вели Ѓоргиевска.
Наградна игра од Ефтов
Меѓу најголемите јавни критичари на случувањата и поделбите во СДСМ е и новинарот Васко Ефтов. Тој како тема за дискусија на социјалните мрежи постави прашање: Кога пратениците од СДСМ машки ќе одлучат да седнат во пратеничките клупи: за 30 дена; за 60 дена; кога ќе им нареди Никола Груевски.
Трпеноски, пак, вели дека не е прашање кога, туку дали треба да се вратат.
– Не знам како би можеле да се вратат во парламентот по изјавата на Заев дека не го признаваат изборниот процес. Тоа ќе е крајно несериозно и тоа ќе биде крајот на СДСМ. Мислам дека ќе ја доживее судбината на грчкиот ПАСОК, вели Трпеноски.
Ѓоргиевска, пак, не очекува брзо враќање, освен ако други фактори не влијаат за поинаков развој на настаните.
– За држава претендент за ЕУ недопустива е парламентарна криза, како алиби за претрпен изборен пораз што беше прогнозиран. Одлуката за неприфаќање на мандатите на СДСМ и коалицијата е пребрза и за мене нелогична, зашто системските грешки беа познати пред распишувањето на изборите. СДСМ ја пропушти шансата странците да посредуваат ако имаа реални барања – најпрвин попис, па потоа прочистување на избирачкиот список. За мене е спорен и моделот и особено одзивот на гласањето на дијаспората – вели Александар Чомовски новинар и политички аналитичар.
– Но СДСМ ги испорача дел од своите услови, што се сериозен тест за институциите и владеечката елита – процесуирање на сомневањата за сомнителните бизниси и спонзорства околу Македонска банка и каса-прием кај Јанкуловска. Овие јавно презнтирани сомнежи нормално е да добијат медиумски третман како првокласна афера. Но поважно од ова е Обвинителот да ги преземе сите нови допуштени дејствија во предистражната постапка. Негвото предолго тактизирање и молчеливост, во инаку експресните постапки кога се во прашање “дела на опозиционерите”, ги подгрева страстите за негово сојузништво со Власта и тоа не само по приватни журки. Само така Зврлевски ке докаже дека има независна улога во истрагата и прогонот и да биде само една од странките пред инаку партизираните судски совети. Мислам дека и на Груевски и Јанкуловски“ќе им падне товар “од имиџот на чесноста, во се погласните јавни соменвања за корупираност на власта и владеењето во државата како приватен холдинг – додава Чомовски за „Република“.
(Пишува: Наум Стоилковски | Фото: Република
Текст објавен во 89. број на неделникот „Република“, 16.05.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.