Македонскиот репрезентативец и член на НБА-тимот Атланта хоукс, Перо Антиќ, по успешната дебитантска сезона во најсилната лига на светот, се најде на 12. место од дебитантската листа по гласањето на новинарите.
Тие синоќа имаа можност да гласаат за најдобрите 10 играчи кои, според бодовите, се сместија во првата и втората идеална петорка на дебитантите. По два бода доделуваа новинарите за играчите кои мислеа дека треба да се најдат во првата и по еден бод за втората петорка.
Антиќ заработи вкупно 63 бода, а дури 10 новинари мислеа дека нашиот репрезентативец треба да биде член на најдобрата петорка на дебитанти за оваа сезона.
Популарниот Ајсмен, како што го нарекуваат во НБА-лигата, за само три бода не успеа да влезе во втората петорка. На десеттото место се најде членот на Оклахома, Стивен Адамс, кој имаше далеку полоша сезона.
Антиќ одигра 50 натпревари и на паркетот помина во просек повеќе од 18 минути и притоа забележи одлични бројки зад неговото име. Тој, во просек, постигнуваше седум поени, 4,2 скока и 1,2 асистенции.
Добрите игри му овозможија да ја продолжи кариерата за уште една година во Аталанта. Од клубот најавија дека се задоволни од услугата на Перо и автоматски ќе го активираат договорот за уште една година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


