| четврток, 6 декември 2018 |

Матурантите ќе танцуваат квадрил и салса

maturanti-th

Околу 1.300 матуранти по осми пат денеска на градскиот плоштад „Македонија“ ќе го заиграат танцот квадрил во рамки на „Матурската парада 2014“. Матурантите годинава ќе играат и салса. Покрај скопските матуранти од 22 училишта, ќе танцуваат и матурантите од Струмица, Гевгелија, Охрид и од Струга.

Организатори на манифестацијата се Дирекцијата за култура и уметност Скопје и Танцовиот клуб „Ритам плус“ од Скопје. Покровител е Град Скопје, а поддржувачи се делегацијата на ЕУ во Македонија и Т-мобиле. Помагатели се компаниите „Горска“ и „Секуриком“. Медиумски покровител е Македонското радио – Радио Скопје, кое ќе го преземе радиосигналот од Словенија.

Собирањето и подготовките на матурантите ќе почне денеска околу 9 часот на плоштадот „Македонија“. Од 10.30 до 11 часот матурантите ќе дефилираат од градскиот плоштад „Македонија“, по кејот „13 Ноември“, пред хотелот „Холидеј ин“, покрај улицата „Филип Втори Македонски“ до Собранието на Република Македонија и ќе влезат на плоштадот преку портата „Македонија“. Ќе имаат генерална проба и во 11.40 часот ќе почне официјалниот дел од програмата. „Матурската парада“ ќе ја отвори скопскиот градоначалник Коце Трајановски.

Освен дружењето и танцувањето на младите, оваа манифестација има и натпреварувачки тек, да се постави Гинисов рекорд во категоријата истовремено синхронизирано одигрување на еден ист танц на различни места или во различни градови. Последните години составен дел на оваа манифестација е и изјавата/заклетва на матурантите за ненасилство, за толеранција и меѓусебна соработка.

Годинава девојките ќе носат розови маички, а момчињата црни со натписот „Матурска парада 2014“. По завршувањето на „Матурската парада“, ќе има кратка забава за сите присутни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top