| четврток, 6 декември 2018 |

Најскап бензин и дизел плаќаат Грците, а најевтино се точи на Косово

бензин

Најскап бензин на Балканот плаќаат граѓаните на Грција, а најскап дизел се продава во Србија. Анализирајќи ја табелата на цените на горивата во 39 европски земји што деновиве ја објави Автомото сојузот на Македонија, литар еуросупер 95 кај нашиот јужен сосед изнесува 1,71 евро, во Словенија чини 1,45 евра, во Хрватска е 1,37 евра, во Црна Гора е 1,35 евра, во Србија и Албанија изнесува 1,34, односно 1,33 евра. Во Бугарија и Македонија литар еуросупер 95 чини 1,28, односно 1,27 евра, додека најевтино се точи во Босна и Херцеговина и на Косово по 1,2 евра за литар, пишува Вечер.

Литар еуросупер од 98 октани го нема во сите горе споменати држави. Најскап е во Словенија каде литар чини 1,48 евра и е за 4 евроценти поскап отколку во Хрватска каде се точи по 1,40 евра за литар. Во Бугарија и Црна Гора литар од 98-мицата се продава по 1,38 евра за литар, во Македонија е 1,30 евра, во БиХ чини 1,25 евра, а најевтино се точи на Косово по 1,22 евра за литар.

Што се однесува до цените на еуродизелот, литар од ова гориво е најскапо повторно во Грција и чини 1,4 евра, а во Србија изнесува 1,36 евра. Во Словенија чини 1,35 евра, во Албанија е 1,32 и во Бугарија изнесува 1,30 евра. Литар еуродизел во Хрватска и Црна Гора се точи по 1,29, односно 1,27 евра, а во БиХ е 1,23 евра. Најевтин евродизел се продава на Косово каде чини 1,19 евра и во Македонија е 1,09 евра за литар.

Во Европа пак, најскапо гориво плаќаат граѓаните на Норвешка кои за литар еуросупер 95 мораат да издвојат 1,86 евра, додека еуросупер 98 кај нив чини 1,95 евра, а литар еуродизел е 1,71 евра. Во Холандија и Италија литар еуросупер 95 чини 1,76, односно 1,77 евра, додека 98-мицата се продава по 1,83, односно 1,89 евра. Во овие држави еуродизелот чини 1,48 евра, односно 1,68 евра за литар. Слични цени на горивата има и во Турција каде 95-ката чини 1,75 евра, а 98-мицата е 1,76 евра за литар, додека еуродизелот изнесува 1,63 евра.

Најевтино гориво имаат граѓаните на Русија каде литар еуросупер 95 и еуродизелот чинат по 69, односно 70 евроценти. Во Луксембург и Швајцарија литар еуросупер од 95 октани чини 1,29 евра, односно 1,39 евра, додека литар од еуросупер 98 чини 1,33, односно 1,44 евра. Еуродизелот во овие држави чини 1,18, односно 1,48 евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top