| четврток, 6 декември 2018 |

Холивудско шоу во Чикаго на „кралевите“ од Лос Анџелес

Вистинско шоу на мраз во Чикаго имаа хокеарите на Лос Анџелес кингс, а пресвртот што го направија за победа од 6-2 беше спектакуларен.

Домаќините поведоа со 2-0, а потоа започна танцот на мраз на тимот од Ел-еј. Со 6 гола во низа тие ги декласираа “блекхокс“ и израмнија на 1-1 во финалната серија од Западната конференција.

Од шесте гола, пет гостите постигнаа во завршниот трет период од играта, а блескаше Џеф Картер со хет-трик и една асистенција, што е извонреден учинок од 4 поени за плејоф меч.

Кингс прават неверојатни работи во доигрувањето и покажаа дека се екстремно жилав и квалитетен тим. Во првата рунда од плејофот креираа чудесен пресврт против Сан Хозе и од 0-3 наредија 4 победи во низа, за елиминација на „ајкулите“. И во следната серија со Анахејм губеа со 2-3, беа на работ на испаѓање, но повторно најдоа рецепт да се спасат и да продолжат понатаму со две врзани победи и нов триумф во серија што се играше во максимални 7 натпревари. И сега во финалето на Западот почнаа со пораз против Чикаго, но повторно блеснаа во ситуација кога имаат негатива и победија, со што сега тие имаат предност од еден брејк.

Во финалето на Источната конференција Њујорк ренџерс е многу блиску до пласман во големото финале, бидејќи има предонст од 2-0 против Монтреал и тоа со две победи на гостински терен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top