| четврток, 6 декември 2018 |

ММФ ја пофали владината економска политика

mmf 2

Меѓународниот монетарен фонд очекува растот на македонската економија да се зајакне и смета дека предвидниот раст од 3,5 проценти е остварлив.
Ова го истакна шефот на Мисијата на ММФ Ивана Владкова Холар по двонеделните разговори со претставници на Владата, Народната банка и приватниот сектор во Македонија. Потенцира дека пoстојат пoтенцијални надворешни ризици и порача дека фискалната политика треба да се фокусира кон исполнување на таргетот на проектираниот дефицит од 3,5 проценти од БДП.
– Приватната потрошувачка сега е зајакната што придонесува за постепено повлекување на фискалниот стимулс. Задржувањето на фискалниот дефицит на централната власт ќе биде важно за да се задржи одржливоста на долгот – изјави Холар на заедничката прес-кофнеренција со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и гувернерот на НБРМ Димитар Богов.
Таа додаде дека предвиденото намалување на дефицитот на 2,6 проценти во 2016 година е соодветно, но оти треба да се утврдат мерки за негово исполнување. Оцени дека финансискиот сектор е стабилен, но оти не е препорачливо натамошно релаксирање на монетарната политика, особено имајќи предвид дека кредитниот пораст се забрзува, а резервите се намалуваат.
Доколку се појават притисоци врз резервите, порача, НБРМ да ја зголеми каматната стапка.
Според неа пазарот на труд останува отворено прашање и намалување на невработеноста треба да се врши преку поттикнување на соработката меѓу странските и домашните компании, како и да се применат нови вештини и технологии.
Вицепремиерот Ставрески оцени дека ставовите на Владата и ММФ се слични.
– Македонската економија има добар тренд на пораст. Минатата 2013 ја завршивме со 3,1 процент, а за годината очекувањата се дека тој ќе стигне до 3,5 проценти, што е пoдобро од првично проектираното со Буџетот од 3,2 проценти. Порастот ќе биде добро избалансиран меѓу инвестициите и потрошувачката. Инвестициите главно ќе бидат поддржани со крупните инфраструктурни проекти, а зголемувањето на платите во јавната администрација и пензиите ќе ја ќе ја стабиизираат личната потрошувачка и тоа ќе биде основа за поизбалансиран раст во текот на оваа и следните години – истакна вицепремиерот.
Според него, фискалната политика е добро поставена и Владата останува на позицијата за одржување на фискалниот дефицит во умерени рамки.
– Проектираниот дефицит е 3,5 проценти и ние сме подготвени со политиките и со реализацијата на буџетот во 2014 година да го одбраниме. За следните години стратегијата предвидува постепена фискална консолидација, која ќе биде соодветна на нивото на заживување на растот на економијата и на приватниот сектор и инвестициите од приватниот сектор – истакна Ставрески.
Тој додаде дека буџетскиот дефицит ќе се финансира со комбинација на домашно и надворешно задолжување. Посочи дека во наредниот период се очекуваат зголемување на странските директни инвестиции.
– Во следните 6 до 12 месеци според најавите ќе има најмалку 10-тина нови странски инвестиции кои ќе отворат нови работни места и ќе придонесат за натамошна диверзификација на извозот и зголемување на извозот и на БДП – потенцира министерот за финансии.
Гувернерот на НБРМ Димитар Богов истакна дека монетарната политика ќе продолжи да се фокусира на стабилноста на девизниот курс на денарот и оти заедно со фискалната политика ќе биде фокусирана да ја одржи македонската економија во рамнотежа.
– Нашите оценки во наредниот период се дека овој стабилен амбиент продолжува. Девизните резерви последните 30 дена веќе имаат тренд на пораст, така што очекуваме да продолжи и во наредниот период, бидејќи доаѓа еден период од сезонски аспект кои ги зголемуваат девизните резерви, нашето видување дека оној пад на девизните резери кој беше очекуван  во првиот квартал од годината е зад нас и сега имаме поголем тренд – истакна Богов.
Тој додаде дека монетарната политика ќе биде сега внимателно насочена кон одржување на рамнотежата, која пред се, е гледана преку движењата на девизните резерви и движењата на девизниот пазар. Мисијата на ММФ престојуваше во Македонија од 6 мај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top