| четврток, 6 декември 2018 |

Во Обреновац има 12 жртви a се стравува за повеќе, во Србија вкупно 17

Само во Обреновац крај Белград се пронајдени 12 безживотни тела од кои едно лице починало со природна смрт, соопшти српскиот премиер Александар Вучиќ во неделата, но изрази стравување дека овој трагичен биланс може да биде и поголем, бидејќи водата не е сосема повлечена. Претходно официјално беше објавено дека во другите делови до Србија од почетокот на поплавите се регистрирани пет жртви, и дека едно лице се води како исчезнато.

„Обреновац – градот кој веќе го нема”, беше насловот на многу белградски медиуми во неделата со кај се илустрираше ситуацијата на ова гратче крај престолнината Белград, кое најмногу настрада во повеќедневното незапаметено невреме и поплави што ја зафатија Србија.

Премиерот Вучиќ го појасни досегашното молчење на властите со процените на бројката смртно настрадани во незапаметените поплави што три дена ја зафатија Србија, дека неговата влада имала намера да ја „заштити јавноста од секаков сензационализам, измислувања и невистинити стории”.

„Ситуацијата е катастрофална, но има и невистинити информации, како на пример дека е урнати цели висококатници. То а не е точно и станува збор за една еднокатна куќа”, прецизира Вучиќ.

Сепак, српскиот премиер истакна дека го загрижува состојбата во коишто се наоѓаат еднокатните куќи во Обреновац”

Додаде дека не ја знае точната бројка, но оти мисли дека повеќе од четири илјади луѓе се евакуирани, како и дека 342 лица се сместени во старски домови и се снабдени со храна, лекови и вода за пиење.

Вучиќ истакна дека евакуациите на населението повеќе не се изведуваат, освен доколку не станува збор за лица со лоша здравствена состојба. Рекол и дека оваа трагедија, сепак, ја следат и некои убави случки, како онаа за двете девојчиња кои го пронашле својот татко. „За жал, многу има тажни и тешки”, рече на седницата на штабот за справување со невремето.

Одговарајќи на новинарско прашање за работата на електричната централа ТЕНТ, која што исто така е загрозена од поплавите , српскиот премиер рече дека таа не смее да престане да работи, оти во спротивно на Србија ќе и’ бидат потребни стотици милиони повторно да ја покрене. „Во моментов околу ТЕНТ има многу проблеми”, но немојте со тоа да ги заморуваме граѓаните”, рекол Вучиќ.

Претходно во неделата српскиот премиер изјави дека ситуацијата е малку подобра, но дека мора да се биде максимално претпазлив во следните два дена, и оти најголемата опасност сега се водите на реката Сава.

Имено иако водостојот на повеќето реки во Србија во неделата опаѓа, а првиот поплавен бран кој дојде по Сава посериозно не се изли преку насипите поставени во Шабац и Сремска Митровица, и натаму со постојана претпазливост се следи хидролошката ситуација на Сава, чијшто втор поплавен бран, засилен од притоките од Босна и Херцеговина и од Хрватска, би можел да донесе нова голема опасност.

И во главниот град Белград по должината на брегот на Сава на најкритичните места се поставени насипи од вреќи со песок, во чие обезбедување доволен број учествуваше и Град Скопје, бидејќи на некои места реката е веќе излеана или е до самиот раб на шеталиштата крај брегот. Во Белград врвот на поплавниот бран се очекува во вторник или во среда.

„Ниту одблизу ова е крајот, но денес имаме повеќе надеж отколку вчера”, изјави Вучиќ на седницата на Републичкиот штаб за вонредни ситуации којашто ја пренесуваа директно водечките телевизии во земјата.

Констатирајќи дека вакво количество врнежи „се случува еднаш во илјада години”, српскиот премиер предупреди дека до среда ќе мине уште еден поплавен бран и дека треба да се направат подготовки за подобра заштита.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top