| четврток, 6 декември 2018 |

Расмусен: НАТО повеќе не може да и верува на Москва

rasmusen

Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен денеска во Букурешт изјави дека по руската анексија на Крим, земјите-членки на Алијансата повеќе не можат да имаат доверба во ветувањата на Москва за почитување на територијалниот интегритет на државите од регионот.

– По она што го видовме во Украина, никој повеќе не може да има доверба во гаранциите на Москва во однос на суверенитетот и територијалниот интегритет на други земји – истакна Расмусен.

Тој рече дека го има предвид уверувањата на Русија дека ќе го почитува територијалниот интегритет на Молдавија, под услов оваа поранешна советска република, која се наоѓа меѓу Романија и Украина, да ја зачува неутралноста и да обезбеди специјален статус за сепаратистичкиот проруски реон Придњестровје.

Молдавија треба на 27 јуни да потпише договор за асоцијација со ЕУ. Овој чекор предизвика гнев кај Москва и во Придњестровје, регион во кој мнозинството од жителите се Руси.

Расмусен потсети дека Русија во 1994 година го гарантирала и територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, но дека сепак неодамна извршила „насилно и незаконско присвојување на Крим“.

– Секоја земја има право да донесе одлука за присоединување кон одреден сојуз – нагласи Расмусен, повикувајќи ја Русија „да ги почитува меѓународните обврски без да се обидува да ја дестабилизира состојбата било во Молдавија или во Украина“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top