| четврток, 6 декември 2018 |

Концертна пролет во Скопје

Оваа пролет во Скопје ќе заврши со амбициозни проекти, концерти чија публика најверојатно ќе достигне и до бројка од преку 10.000 посетители

Од крајот на мај, па до средината на јуни нѐ очекуваат неколку концерти.

Вљубениците во музиката од светот и годинава ќе добијат врвно концертно доживување, благодарение на „Оф-фест“.

Програмата на тринаесеттото издание на „Оф-фест“ е распоредена во пет богати фестивалски вечери, во кои ќе настапат исклучително квалитетни состави од Етиопија, Португалија, Шпанија, Конго, Јужна Кореја, Унгарија, Словенија, Хрватска и од Македонија, а ќе биде прикажан и еден музички документарец.

Годинешното издание на „Оф-фест“, кое ќе се одржи од 30 мај до 5 јуни во Скопје, ќе почне со настап на големиот унгарски композитор, импровизатор и виртуоз на виолина, во тандем со неговиот колега и постојан соработник Антал Браснијо.

Српскиот крал на фолкот повторно ќе ја посети Македонија. На 30 мај е закажан концертот на Аца Лукас, овојпат на отворена сцена на Скопско лизгалиште. Организаторите, стандардно, очекуваат многубројна публика која наизуст ги знае неговите најголеми хитови.

Еден ден потоа, во арената „Борис Трајковски“, концерт ќе одржи Здравко Чолиќ. Во Скопје, каде што редовно собира неколкуилјадна публика од сите генерации, Чола ја почнува балканската турнеја за промоција на неговиот нов албум „Ватра и барут“. Нема да ги изостави и добропознатите рефрени, без кои не поминуваат неговите настапи.

Zabava88-2

Долгонајавуваниот голем концерт на финалистите од балканското шоу „Икс-фактор“, конечно, е закажан за 7 јуни. Даниел Кајмакоски, како победник, и реално е најочекуваното име кое ќе запее на сцената на арената „Борис Трајковски“. Покрај него, настапи ќе имаат и останатите 11 финалисти, кои во неколкуте месеци на прикажување на шоуто ги придобија симпатиите на публиката низ целиот Балкан.

Календарската пролет ќе ја затвори концертот на Жељко Јоксимовиќ. Српскиот композитор и пејач ќе се обиде да ја наполни националната арена „Филип Втори“, мисија што досега му успеа само на Тоше Проески. За таа цел, влезниците за концертот на 21 јуни ќе бидат по далеку попристапна цена од таа на неговите штитеници од „Икс-фактор“.

 

(Пишува: Марина Костовска
Текст објавен во 88. број на неделникот „Република“, 9.05.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top