
Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, присуствуваше на одбележувањето на меѓународниот ден „Револуција во исхраната“ во градинката „Срничка” во скопската населба Аеродром, организиран од Фондацијата на познатиот светски готвач Џејми Оливер.
– Како Министерство за труд и социјална политика, со задоволство се вклучивме во организацијата за одбележување на овој ден, којшто се одбележува во повеќе од 70 земји во 660 града низ светот. Целта на манифестацијата е да се истакне важноста на здрава исхрана за правилен раст и развој на децата уште од најмала возраст – истакна Спасов.
Во рамките на Фондацијата, рече Спасов, има посебна програма која поттикнува основање посебни „здрави корнери“ или градини во самите градинки и улилишта.
– Целта на оваа програма е децата да се вклучат во самиот процес на производство, односно во процесот на одгледување зеленчук и овошје со цел уште од најрана возраст да го сфатат заначењето на здравата храна – рече Спасов.
Министерот најави активно вклучување на МТСП во соработка со градинките во Македонија и Фондацијата на Џејми Оливер, преку формирање, како што кажа, корнери за здрава храна.
– Планираме во септември и во октомври, во соработка со сите градинки, дечињата да земат активно учество и да се запознаат со целиот процес на одгледување зеленчук и овошје – најави Спасов.
Децата од градинката, заедно со амбасадорката Маја Лазаревска и министерот, имаа можност да подготват еден од рецептите на Џејми Оливер, наречен „Виножито“, кој се состои од овошје и од зеленчук, а преку подготовката се запознаваа и со хранливите состојки на продукти кои беа употребени во здравата салата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


