Вчеравечер во Соборната црква во Белград се одржа молитва за престанување на дождот, а српскиот патријарх Иринеј истакна дека ситуацијата во земјата е „Божјо предупредување да се тргнеме од патот на пороците, злото и беззаконието“, додавајќи подоцна дека во Белград се подготвува собир што претставува големо беззаконие и грев, алудирајќи на белградската Недела на гордоста, која е закажана за 23 до 31 мај, пренесува „Танјуг“.
Пред неколку дена за „Вести“ патријархот Иринеј изјави дека да се биде геј е „нарушување или девијација на човечката природа“, додавајќи дека тој ги разбира овие луѓе и нивните проблеми, но не и тоа што „тој проблем ни го наметнуваат и нам и што јавно го покажуваат“.
– Со оваа катастрофа Господ нè опоменува, нè повикува на покајание и ни дава до знаење дека без Божјата благодат ние не можеме да направиме ништо. Да се помолиме на Господа да ги запре дождот и облаците и да ни подари сонце. Без Божјата благодат не можеме да направиме ништо. Ова не е божја казна, туку предупредување да се тргнеме од патот на пороците, злото и беззаконието – порача вчера патријархот Иринеј.
На прашањето дали ќе побара од владата забрана за геј-парадата, патријархот рече дека тој настан е врв на неморалната санта мраз и собир на сите мани и пороци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.