Македонија е земја со богато историско и културно наследство, земја која има европска перспектива и иднина. Токму затоа во неа инвестираше и ТАВ Холдинг, кој оперира со скопскиот и охридскиот аеродром, а чиј прв човек Сани Шенер, не го крие воодушевувањето од земјава и нејзините потенцијали.Тој верува дека Македонија наскоро ќе стане членка на ЕУ, поради што го посакува и македонскиот пасош за кој веќе аплицирал.
-Македонија е во центарот на Европа и Балканот, таа е портата кон Европа и убедени сме дека многу наскоро ќе стане членка и на Европската Унија. Тоа е важно за нас и од економски и од општествен аспект. Ние веруваме во иднината на Македонија, што е многу значајно за нас како концесионери на скопскиот аеродром. Тоа ќе значи поголем број на патници, поголем економски раст на државата. Убеден сум дека македонската економија наскоро ќе постигне бум. За тоа индикатор е и бројот на патници кој е во постојан пораст. Економијата на една земја и бројот на патници се секогаш во тесна корелација. Нашата проценка за 2014 е дека ќе постигнеме 1 200 000 патници на македонските аеродорми- смета д-р. Сани Шенер, главен извршен директор на ТАВ Холдинг и претседател на бордот на директори.
За него, но и воопшто за ТАВ Холдиног, Македонија е значајна во секој поглед и финансиски и културолошки и историски.
-Во Македонија оперираме со двата аеродроми, „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Тоа е многу значајно за нас, зашто Македонија и Турција имаат длабоки историски врски. Точно е дека споредено со другите аеродроми со кои оперираме, „Александар Велики“ е мал аеродром во нашето портфолио, со 18 милиони евра приход. Но, по својата важност е меѓу првите, пред се зашто Македонија е пазар во подем, чие време допрва доаѓа. Ние сакаме да работиме на македонскиот пазар, меѓудругото и зашто вие имате добро едуцирани луѓе што е многу важно за нас. Имено, за да оперираме со двата аеродорми, ние донесовме само 5 експерти од Турција во Македонија. Сите останати 650 вработени се кадри од Македонија. Тоа го покажува нашиот менталитет на компанија која размислува глобално, но дејствува локално. Ние сме свесни за моќта на локалното, ја познаваме културата на Македонија која ни е блиска и културолошки и географски.Таа локална стручност е многу важна за странските инвеститори кога влегуваат во еден развој во подем, како што е случајот со македонскиот. Задоволни од македонската експертиза и во име на македонско-турското пријателство ангажиравме 4 македонски инженери на изградба на аеродромот во Абу Даби –објаснува Шенер.
Тој вели дека неговата компанија е свесна дека инвестицијата во Македонија нема да се врати за помалку од 15 години, но тоа нема да ги спречи да инвестираат, затоа што веруваат во иднината на Македонија, а во тоа несебично им помага и македонската Влада.
-Моментално како компанијата, конкурираме на тендер за оперирање “ЛаГвардија”со вториот аеродром во Њујорк. По тој повод, неодамна го презентиравме нашето портфолио во САД, и токму при таа презентација Американците пројавија особен интерес за нашата работа во Македонија, затоа што тоа е европска земја. Таквиот ефект и тежина кој ни ги носат двата македонски аеродроми е доволен за нас, заедно со 18 отсто раст за минатата година. Ние сме компанија која размислува глобално, за нас е важно во исто време во нашето порфолио да имаме македонски и американски аеродром- нагласува главениот извршен директор на ТАВ Холдинг и претседател на бордот на директори.
Според него, бројот на 1 милион патници кој го постигнаа во Скопје за една година, на Истанбулскиот аеродром се постигнува за 10 дена, но мора да се има предвид дека 1 милион патници, значат отворање на 3000 работни места. Еден вложен долар во авиосообраќај се мултиплицира во 3,25 долари како индиректен приход.
Но за да аеродромот се развие, шири и придонесува за земјава, неопходно е Македонија да има национален авиопревозник.
-Мора да се инвестира во тоа, тоа дополнително ќе влијае на зголемување на бројот на патници. Во моментот таа улога ја играат „Туркиш ерлајнс“ кој што лета 14 пати неделно на релација Скопје –Истанбул и нискотарифната „Виз ер“ која лета директно од Скопје до многу европски градови, но законите наметнуваат посебни правила кои мора да се исполнат за да еден авиопревозник добие статус на национален. Значи ние инвестиравме во македонските аеродроми, 120 000 милиони евра, а некои бизнисмени мора да се одважат и да формираат и финансираат национален авиопревозник – нагласува Шенер.
Тој го сака Скопје, но и Охрид.
-Охрид е прекрасно место, но мора да се продолжи поинтензиво да се работи на неговата туристичка промоција. Пред се треба да се инвестира во добри хотели, кои во моментот се најслабата алка за развивање на туризмот во Македонија. Имате најдобра историја во Европа, имате аеродром, се што е потребно се светски ланци на познати хотели да бидат изградени во Охрид- советува првиот човек на ТАВ Холдингот.
ТАВ се надева дека инвестицијата во скопскиот аеродром ќе се врати дури за 15 години, но кога ќе ја видат големата слика, задоволни се. Се надеваат дека концесискиот договор ќе биде продолжен и до 2030.
-Ние веруваме во овој аеродром. Што се однесува до изградбата на карго аеродромот во Штип, тоа е наша обврска за инвестиција со која сме обврзани со договорот. Доколку актуелните метереолошки испитувања ( магла, ветер и сл) покажат дека има услови за градба на таков аеродром, ќе го изградиме. Во спротивно ќе изградиме нешто друго. Ќе го прошириме скопскиот аеродорм или сл. Тоа е наша обврска и не бегаме од тоа- додава Шенер.
ТАВ Аеродроми е компанија проценета на 3 милјарди долари. Тие имаат компанија за изградба на аеродорми, која е втората најголема во светот. Ги имаат изградено аеродормите во Катар, Абу Даби, Оман, Медина, Триполи итн, проекти во вредност од 6 милјарди долари.
Ако се погледне организациската архитектура на ТАВ, тие како компанија градат аеродроми, оперираат со нив, финансираат аеродроми, работат со бесцаринските продавници на аеродрoмите, со информативните услуги, работат најразлични работи, но се e поврзано со аеродроми.
-Оперираме со 14 аеродроми ширум светот. Најголем од нив е Аеродромот „Ататурк“ во Истанбул, а пред еден месец победивме на тендерот за оперирање со аеродромот во Бодрум.Ние сме глобална компанија во која работат луѓе од 27 националности и не е лесно да се менаџира такво нешто. Но ние се обидуваме токму таа различност да биде дополнителна вредност за нашата компанија. Од сите аеродроми со кои оперираме, во моментот 3 најважни аеродроми се аеродромот „Гази Паша” во Јужна Турција, аеродормот во Тунис и Скопскиот аеродром „Александар Велики”. Јас лично сум инволвиран и работам на развојот на овие три аеродроми – нагласува Шенер.
Александрија Стевковска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.