Сала за фитнес, туш-кабини и канцеларија за секој пратеник ќе има во Собранието на Македонија чија зграда во моментов се доградува и надградува.
Како што информира главниот архитект на Собранието, Биљана Ивановска, на денешната обиколка со новинарите низ објектот, на која се придружи и претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, парламентот ќе биде целосно реконструиран до крајот на годинава, а ќе биде ставено во функција на почетокот од идната година. Во меѓувреме, како што завршува работата и опремувањето на просториите, тие ќе се ставаат на располагање на пратениците.
Со градежниот зафат се изградени 100 простории наменети за пратенички канцеларии. Изградени се и шест сали за седници на комисиите кои ќе бидат опремени со по две простории за преведувачи и соба за техника. Со постојните четири сали, вкупниот број простории кои ќе бидат на располагање на овие собраниски тела ќе изнесува 10, односно секоја сала ќе биде наменета за заседавање на две конкретни комисии.
Најмаркантен дел од новиот простор со кој ќе располага Собранието е големата Протоколарна сала, која е сместена под големата купола. Таа ќе биде повеќенаменска, главно ќе се користи за меѓународни средби и собири, а ќе биде опремена со современа техника и ќе располага со околу 250 седишта.
Над главниот влез во Собранието, дел од покривот ќе биде адаптиран за видиковец.
По примерот на парламентите на ЕУ, Белгија, Канада, Полска, Грција, и македонското Собрание ќе добие сала за вежбање. Салата веќе е опремена, а покрај пратениците, ќе ја користат и околу 300 вработени во собраниските служби.
– Салата за вежбање е сместена во две простории адаптирани за таа намена. Од страна имаме санитарии-тоалети, машка и женска гардероба со туш-кабини и сите потребни работи – рече Ивановска.
Со проектот целосно се реновирани и Струшката сала изработена во длаборез, Салата АСНОМ и Пратеничкиот клуб.
Реконструкцијата, доградбата, адаптацијата и надградбата на зградата на парламентот почна во 2010 година. Со овој зафат Собранието ќе добие нови 4.000 квадратни метри корисна површина или заедно со старите околу 17.300 квадратни метри.
Ова е прва реконструкција на објектот на парламентот по половина век.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.