Бројот на загинати во рудникот во турскиот град Сома достигна 282 лица, откако нови тела беа извадени ноќеска од рудникот, изјави денеска турскиот министер за енергетика Танер Јилдиз.
– Податоците за жртвите се до осум часот утрото по локално време – рече Јилдиз.
Ова е најголема рударска несреќа во историјата на Турција.
Јилдиз изјави дека потрагата по преживеаните рудари во рудникот во Сома е отежната и оти спасувачката акција неколку пати била прекинувана поради отровните гасови од запалениот јаглен.
– Пожарот уште не е целосно изгаснат, но е регистрирано намалување на концентрацијата на јаглерод диоксид што е знак дека огнот стивнува – истакна Јилдиз.
Тој наведе дека поголем број од жртвите настрадале од задушување со отровни гасови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.