| четврток, 6 декември 2018 |

„Грејс од Монако“ го отвори 67. издание на филмскиот фестивал во Кан

На 20. мај на маркетот на Канскиот фестивал ќе бидат прикажани и две македонски премиери на филмовите „До Балчак – Приказна од Дивиот Исток“ на Столе Попов и „Деца на сонцето“ од Антонио Митриќески

nikol kidman

Со премиера на „Грејс од Монако“, на францускиот режисер Оливије Дан, вчера беше отворен престижниот 67. Меѓународен фестивал во Кан. Филмот, во кој главната ролја ја толкува холивудската дива Никол Кидман, се прикажува надвор од официјалната конкуренција за „Златна палма“. Филмот предизвика контроверзии уште пред премиерата, а семејството на принцезата од Монако го обвинуваше режисерот дека ја украл семејната историја и наместо да зборува за нејзината кариера, тој навлегува и во нејзиниот приватен живот.

Како главна ѕвезда на фестивалот, Никол предизвика големо внимание на новинарите и фоторепортерите, блескајќи во раскошна сина тоалета во друштво на колегата Тим Рот.

За престижната награда „Златна палма“ на 67. фестивал ќе се натпреваруваат 18 остварувања од 11 земји.

На 20 мај на маркетот на Канскиот фестивал ќе бидат прикажани и две македонски премиери на филмовите „До Балчак – приказна од Дивиот Исток“ на Столе Попов и „Деца на сонцето“ од Антонио Митриќески.

Жирито на овогодишниот фестивал го предводи новозеландската режисерка Џејн Кемпион, која е единствената жена што ја има освоено „Златната палма“ во 1993 година за филмот „Клавир“. Освен неа, во жирито се уште четири жени: актерката Карол Буке (Франција), Лејла Хатами (Иран) и Јеон До-Јеон (Јужна Кореја) и режисерката Софија Копола (САД). Останатите членови го сочинуваат глумците Вилијам Дафо (САД) и Гаел Гарсија Барнал (мексико), како и режисерот Џи Џангке (Кина) и Николас Виндинг Рефно (Данска).

Фестивалот ќе трае до 25 мај, а дотогаш на црвениот тепих ќе продефилираат многу славни актери и режисери, како Рајан Гослин, Дејвид Кроненберг, Софија Лорен, Блјек Лајвли, а посебно интересирање побудува доаѓањето на Силвестер Сталоне, Харисон Форд и на Арнолд Шварценегер, кои најавиле дека в недела со тенк ќе пристигнат на Кроазета .

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top