| четврток, 6 декември 2018 |

Годинава на „Про-за“ доаѓаат балкански писатели и светски издавачи

Хрватска авторка Даша Дрндиќ, култниот српски режисер на филмовите „Kој тоа таму пее“ и „Маратонците го трчаат почесниот круг“ и писател Слободан Шијан, босанскиот писател Ненад Величковиќ, турскиот писател Марио Леви и словенечкиот претставник на поновата книжевна генерација Алеш Чар се петте балкански писателски имиња што од 27 до 29 мај ќе гостуваат во Скопје на фестивалот „Про-за Балкан“. Во своето второ издание фестивалот воведува две новини. Првата е учество на домашен автор, кој ќе се приклучи во друштвото на петтемина автори, а втората е стипендиската програма чии гости ќе бидат издавачи, литературни агенти и скаути и директори и програмски менаџери на фестивали. Првиот домашен автор што ќе учествува на „Про-за Балкан“ е Драги Михајловски.

– Годинава како и минатата основен услов за избор на гостите беше критериумскиот однос кон балканската проза. Овие автори, кои се наши гости, пред с`, се карактеризираат со својата индивидуалност. Станува збор за луѓе што си го тераат својот пат без разлика на сите транзициски промени, книжевни кујни, кои ги има секаде. Сите носат нешто многу интересно – рече уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев.

Речиси сите од авторите имаат свои преводи на македонски јазик. Така, романот „Сахиб“ од Величковиќ е објавен на македонски јазик од издавачката куќа „Икона“ во превод на Дарко Чекеровски. На македонски јазик е преведен капиталниот роман „Истанбул беше сказна“ на Леви во издание на „Или-Или“ во превод на Ѓулнихал Исмаил, а кај нас е преведена и книгата „Мејд ин Словенија“ на Чар, во издание на „Магор“ и во превод на Драгана Ефтимова.

Селектор на македонскиот автор годинава е Венко Андоновски. Тој вели дека го одбрал Михајловски откако направил потесна селекција во која се нашле шест автори. Освен Михајловски, на листата биле и Ермис Лафазановски, Александар Прокопиев, Лидија Димковска, Гоце Смилевски и Димитрие Дурацовски.

– Пресуден беше еден критериум што го нарекувам колегијален, а тоа е што Михајловски најмалку од сите тие автори се грижеше за својот јавен настап надвор од Македонија. Човекот што го преведе целиот опус на Шекспир на македонски јазик не преведе ниту една своја книга на англиски јазик. Решивме да го качиме на сцената и да го претставиме овој мајстор на краткиот расказ, кој се покажа како интересен автор и во романот – рече Андоновски.

Организатор на фестивалот е издавачката куќа „Икона“. Директор на фестивалот е Дејан Трајкоски.

Тој информира дека на првата стипендиска програма во рамките на фестивалот се селектирани тројца членови. Станува збор за Ен Луис Фишер од Велика Британија, првиот светски познат литературен скаут.

Фишер во Македонија доаѓа по препорака од фестивалот-партнер, Меѓународниот литературен фестивал „Танпинар“ од Турција. Во Скопје доаѓа и Сузан Kертис-Kојаковиќ, сопственичка на „Истрос букс“ од Лондон, еден од најважните издавачи за Македонија од Велика Британија, во чиј фокус е литературата од Балканот. Таа работи со еден од најдобрите преведувачи од македонски на англиски јазик Вил Фирт кој на англиски јазик го преведе „Пиреј“ од Петре М. Андреевски. Ќе гостува и Лајтес Лусиен, сопственик на швајцарската издавачка куќа „Унионсферлаг“, која ја објави на германски јазик „Времето на козите“ од Луан Старова.

– Со оваа програма фестивалот се обидува да ја зголеми видливоста на литературата од Македонија во странство, да ја промовира нашата литература во светот и да ја збогати литературната сцена во Македонија. Десетина македонски издавачи пред тројцата гости ќе претстават околу 20 домашни прозни автори – рече Трајкоски.

Членови на Уметничкиот совет на фестивалот се Елизабета Шелева и Ермис Лафазановски. Продуцент на фестивалот е Никола Мадешовски, директор на „Икона“. Наградата „Прозарт“, која фестивалот му ја доделува на истакнат автор од Балканот за авторски придонес кон развојот на балканската книжевност, годинава ќе ~ биде доделена на хрватската писателка Дрндиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top