| четврток, 6 декември 2018 |

Викендов прв цветен фестивал во Скопје

Градот Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ на 17 и 18 мај (сабота и недела) во вториот дел од Градскиот парк, на просторот наспроти „Паркот за миленици“, ќе го организираат првиот СКОПСКИ ЦВЕТЕН ФЕСТИВАЛ.

„Целта на оваа манифестација е да се промовира одгледувањето цвеќе пред граѓаните, најмладите да се вклучат во работилници, да ја покажат својата креативност и да научат нешто повеќе за цвеќињата, и да се подигне јавната свест за заштита на животната средина. Морам да нагласам дека во изминативе години Градот Скопје стана град на цвеќето. Преку континуирани акции, Градот Скопје со цвеќе уреди голем број јавни површини со што придонесе за разубавување на просторот, но сакаме да ги поттикнеме и институциите, приватниот сектор и граѓаните со цвеќиња да ги разубават своите простори, изјави денеска градоначалникот Трајановски.

Трајановски најави дека првиот Скопски Цветен фестивал ќе почне во сабота, во 10 часот, со цветно дефиле во кое ќе учествуваат 500 деца, а кое ќе тргне од плоштадот „Македонија“ и ќе се движи кон Градскиот парк. Официјалното отворање на фестивалот е закажано за во 12 часот, на просторот наспроти „Паркот за миленици“, во вториот дел од Градскиот парк.

„ Според планот, на 17 и 18 мај, просторот наспроти „Паркот за миленици“ ќе биде поделен на три зони. Првата зона ќе биде зона за креативни работилници, анимации, креации, иновации и идеи. Вработени во ЈП „Паркови и зеленило“ на овие работилници ќе пренесуваат искуства на сите заинтересирани, а особено на најмладите, како правилно да се садат и негуваат цвеќињата, како да направат цветен аранжман, како да изработат цветно оригами… Студенти од Технолошко-металуршкиот факултет, пак, ќе подготвуваат креации инспирирани од цвеќе. Во втората зона – зона за промоција, познати цвеќари и фирми за хортикултурно и пејсажно уредување ќе изведуваат мини градини. Во оваа зона своите вештини ќе ги покажуваат стручни лица од ЈП „Паркови и зеленило“, Шумарскиот факултет, СУГС „Ѓорѓи Димитров“, Green planet, Хортиексперт, Хорти дизајн, Маган мак, Биропроект, Китка Плант фарма и други. Во овој дел граѓаните ќе можат и да купат цвеќе по намалени цени и тоа: сезонско цвеќе (Impatiens, salvija, begonia, petunia…) од 25 денари; резан цвет (rosa, gerbera, kala, hrizantema,…) од 40 денари; саксиско цвеќе од 95 денари; цветни аранжмани и букети од 100 денари. Во третата зона – зона за забава и еко-пикник, граѓаните ќе имаат можност да погледнат цветни перформанси, да вежбаат јога, аеробик и зумба на отворено и да слушаат музика. За организацијата на првиот СКОПСКИ ЦВЕТЕН ФЕСТИВАЛ Градот Скопје ќе потроши околу 1,2 милиони денари. Убеден сум дека овој прв фестивал на цвеќето во Скопје ќе ги оправда нашите очекувања и ќе го привлече вниманието на што поголем број граѓани,“нагласи на денешната прес-конференција градоначалникот Коце Трајановски.

Директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Душан Авировиќ, истакна дека овој фестивал се планира да прерасне во традиционален и меѓународен фестивал на цвеќето.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top