Леброн Џејмс одигра кралска претстава, и тоа на теренот на противникот, и со 49 поени ги скина „мрежичките“ од Бруклин. Мајами хит победи во четвртиот меч со 102-96 и води во полуфиналната серија од Источната конференција со 3-1.
Џејмс беше блиску до првата педесетка во кариерата во доигрувањето, а со неверојатните 49 поени го израмни сопствениот рекорд во доигрувањето. Во финишот од мечот утна едно слободно фрлање и на шега изјави дека е разочаран.
– Ова е првпат да сум разочаран од сопственото постигнување, и тоа во победа – се пошегува извонредниот крал на кошарката во НБА.
Процентот на прецизни удари му беше извонреден, а погоди 16 пати од 24 обиди, со 14 уфрлени слободни фрлања од 19 шута. Леброн постигна идентичен број поени за Кливленд во конференциското финале против Орландо во 2009 година, но тогаш „коњаницата“ не успеа да стаса до трофејот. Со Мајами, Џејмс има два шампионски прстени од лани и преклани.
Во игра за титулата остана Портланд со прв триумф против Сан Антонио во четвртиот меѓусебен меч од полуфиналето во Западната конференција.
„Зошто не ние“, беше прашањето што пред четвртиот дуел го повторуваа кошаркарите на Портланд. Ниту еден тим не успеал да мине натаму кога имал негатива од 0-3 во победи. Трејлблејзерс ноќеска го направи првиот чекор кон подвиг, но патот до конференциското финале е долг. Портланд не смее да загуби ниту еден дуел, а му требаат уште три победи во серија за да стане првата екипа во историјата на НБА, што во плејоф серија се вратил од 0-3.
Демјен Лилард постигна 25 поени, одличен беше и Николас Батум со 14 поени, ист број скокови и со 8 асистенции. Бековите на Портланд конечно најдоа решение како да го сопрат Тони Паркер, што беше еден од клучевите на победата од 103-92.
На следните два меча што можат да бидат решавачки, Мајами и Сан Антонио се домаќини и со победи ќе го визираат патот до конференциските финалиња.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.