Чашка е првата општина што денеска ќе ја посети автобусот на ЕУ, како дел од информативната кампања „ЕУ одблизу“. До 23 мај патувачкиот автобус на ЕУ ќе посети уште девет села низ целата земја. Евроамбасадорот Аиво Орав истакна дека информативниот автобус на ЕУ е дел од активностите за одбележување на 9 Мај – Денот на Европа – и се одржува трета година по ред, бидејќи се покажа како многу успешен проект за доближување на ЕУ до локалното население.
– За време на овие патувања ќе имаме многу средби со локалните власти, со наслението, со децата, со студентите, со учениците, и тоа ќе биде можност тие да се запознаат со ЕУ, како таа функционира, кои се нејзините вредности, исто така и за финансиската помош што ја нуди ЕУ. Со нас ќе патуваат и амбасадори од земјите-членки на ЕУ, кои покрај тоа што ќе зборуваат за ЕУ, патувањето дава можност и да се запознаеме подобро со вашата земја – рече амбасадорот Орав.
Според вицепремиерот за евроинтеграции, Фатмир Бесими, автобусот на ЕУ-е одлична можност локалното населние непосредно да се запознае дека ЕУ значи менување закони, нов начин на живеење, а ја подвлече и финансиката помош од Унијата за Македонија.
– Во досегашниот период 2007-2013 година од ЕУ се доделени околу 600 милиони евра за Република Македонија, а веќе се комплетира и новиот пакет за финаниска поддршка на земјава со нови 600 милиони евра за периодот 2014-2020 година. Овие пари од ЕУ ќе бидат наменети за подобрување на економскиот систем во РМ, за нашата администрација, за инфраструктурата, односно за идните генерации во земјава да се што поблиску до начинот и стандардот на живеење во ЕУ – рече Бесими.
Заедно со претставници на Делегацијата на Европската унија, во автобусот ќе бидат амбасадори на неколку земји-членки на Унијата, претставници на Владата, Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој (ИПАРД), како и локалната невладина организација „Европско движење, студенти и претставници на медиумите“.
Автобусот на ЕУ утре ќе го посети Центар Жупа, а во следните денови и Шемшево, Ростуше, Јосифово, Новаци, Студеничани, Истибања, Зрновци и Старо Нагоричане.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.