Рускиот претседател Владимир Путин ќе го формулира ставот за референдумот, одржан во неделата во украинскиот регион Донецк, врз основа на „силата на резултатите“, изјави портпаролот на Путин, Дмитриј Песков.
– Тешко е да се предвиди каква ќе биде одлуката на претседателот – изјави Песков.
На прашањето дали на ставот на Путин ќе има влијание фактот дека тој самиот побара од приврзанците на федерализацијата да го одложат референдумот, Песков нагласи дека рускиот претседател не побарал, туку препорачал.
– Меѓутоа, тешко беше да се послуша препораката, дури и со големото влијание на рускиот претседател. Со оглед на реалната борбена акција, населението таму морало да дејствува според својот план во однос на актуелната ситуација – рече Песков.
САД и ЕУ соопштија дека не ги признаат резултатите од референдумот и предупредија на воведување економски санкции против Русија, доколку украинските претседателски избори, закажани за 25 мај, бидат загрозени поради гласањето во источниот дел на земјата.
Песков изјави дека забелешките на САД и на ЕУ на сметка на Русија се „апсолутна глупост“.
– Зошто Западот не можеше да ја спречи употребата на оружје во Славјанск и Краматорск и да го спречи убивањето на цивилите? Тие не го употребија своето влијание, ниту им е грижа, додека Русија е обвинувана за сѐ – рече Песков.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


