Министерството за надворешни работи на Украина порача дека резултатите од референдумите кои денеска се одржуваат во Луганск и Доњецк нема да имаат правни последици за територијалниот интегритет и уредување на земјата.
„Организаторите на оваа криминална фарса ги кршат украинскиот Устав и закони“, се наведува во соопштението на украинското Министерство за надворешни работи. Во него уште се вели дека референдумот, кој е „инспириран, организиран и финансиран од Кремљ, нема правно дејство и нема да има какви и да е правни последици по територијалниот интегритет на Украина“.
Во Доњецката и Луганската област денеска се одржуваат референдуми за самоопределување, каде бирачките места се отворени во 8 часот по локално време, без оглед на продолжувањето на „специјалните операции“ на киевските власти против проруските сили на истокот на Украина.
Референдумското прашање гласи: Го поддржувате ли Актот за самостојност на Доњецката народна република?“, пренесува ИТАР-ТАСС, дополнувајќи дека прашањето е отпечатено на украински и руски јазик, со два понудени одговори: „да“ и „не“.
Повеќе од 470 новинари од многу земји го следат гласањето на референдумот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.