Конкурсот за упис на учениците матуранти во високо образование ќе биде објавен утре во печатените медиуми и на интернет страницата на МОН, објави денеска министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
На петте државни универзитети во Р. Македонија предвидени се вкупно 24.196 слободни места за студентите кои ќе се запишаат во прва студиска година, од кои 13.795 за редовни студенти во државна квота, 7.531 за квотата редовни студенти со кофинансирање на студиите и 2.870 слободни места за вонредни студенти.
-Информации за критериумите и условите за запишување на студентските програми, за потребните документи, како и за роковите и местото за поднесување на документите по уписни рокови, сите заинтересирани можат да добијат на факултетот каде што сакаат да го продолжат своето образование, односно во конкурсите кои ќе бидат објавени од страна на секој универзитет поединечно, истакна Ристовски.
Министерот упати апел до сите идни студенти сериозно да размислат пред да донесат одлука за избор на студиската програма и потенцираше дека техничките и природно- математичките струки и понатаму се дефицитарни на македонскиот пазар на труд.
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје има вкупно 10.048 слободни места, од кои 5.771 за редовните студенти во државна квота, 3.267 за квотата редовни студенти со кофинансирање на студиите и 1.010 слободни места за вонредни студенти. Новина се Семејните студии на Филозофскиот факултет, на кои се предвидени 50 слободни места.
На Државниот универзитет во Тетово има вкупно 5.385 слободни места, од кои 2.820 за редовните студенти во државна квота, 2.155 за квотата редовни студенти со кофинансирање на студиите и 410 слободни места за вонредни студенти.
На Универзитетот за информатички науки и технологии „Св.Апостол Павле“-Охрид има вкупно 440 слободни места, од кои 220 за редовните студенти во државна квота, 110 за квотата редовни студенти со кофинансирање на студии и 110 слободни места за вонредни студенти.
На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип има вкупно 4.728 слободни места, од кои 2.839 за редовни студенти во државна квота, 1.059 за редовни студенти со кофинасирање и 830 слободни места за вонредни студенти. Новина на овој универзитет се трите нови правни субјекти, Ликовната, Музичкатата и Филмската академија.
На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола има вкупно 3.595 слободни места од кои 2.145 за редовни студенти во државна квота, 940 места за редовни студенти со кофинансирање и 510 слободни места за вонредни студенти. Новина оваа година на овој универзитет е што ќе почне да финкционира Факултетот за информатички и комуникациски технологии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.