Со верификација на мандатите на новизбраните пратеници и избор на претседател денеска беше конститутиран осмиот состав на Собранието на Република Македонија.
Од 123 пратеници, колку што вкупно брои Парламентот, на седницата присуствуваа 88. Во работата на првата седница на Собранието, не присуствуваа 34 народни избраници од редовите на СДСМ и коалицијата и еден од НДП, кои не ги прифатија мандатите.
Со 87 гласа „за“ и без ниту еден против и воздржан од присустните за претседател на Собранието беше избран Трајко Вељаноски, на кого ова му е трет мандат.
Првиот парламентарец во своето обраќање повика на државно единство и побара од пратениците од опозицијата да дејствуваат во рамките на Уставот и на законите, односно да дојдат во Парламентот. Демократијата, според него, не познава друг начин на работа освен аргументирана дебата и меѓусебно уважување.
– Изразувам задоволство што на оваа конститутивна седница повеќе од 2/3 од народните избраници ја манифестираа својата почит кон граѓаните што ги гласале и со тоа што се тука на своите работни места. Меѓутоа, сакам да ја споделам и мојата длабока разочараност што пратениците од една коалиција, незадоволни од народната поддршка, одлучија да не ја извршуваат доверената одговорна задача. Оттаму, од ова место, како прв меѓу еднаквите,
повикувам на државно единство. Ги повикувам нашите колеги од опозицијата да дејствуваат во рамките на уставот и на законите, односно да дојдат тука во Парламентот за да работиме. Демократијата не познава друг начин на работа освен аргументирана дебата и меѓусебно уважување – рече Вељаноски.
Верува дека во изминатите два мандата како претседател на македонскиот законодавен дом заедно со сите пратеници дале значаен влог во унапредување на земјата. Во периодот пред нaс, додаде тој, ќе се соочуваме со нови предизвици.
Заблагодарувајќи се за доверената обврска по трет пат да биде претседател на Собранието, истакна дека за него ова е потврда за досегашниот труд, но и обврска дека довербата подлежи на секојдневна проверка.
– Свесен сум за тоа и ветувам дека ќе го водам Собранието најдобро што можам и умеам во функција на развојот и напредокот на Македонија – истакна Вељаноски.
Претходно, Собранието со 86 гласа „за“ ги верификуваше мандатите на сите 123 пратеници, и покрај неприфаќањето на мандатите од СДСМ и коалицијата и НДП. Претседателот на Комисијата за верификација на мандатите, Александар Николовски, повикувајќи се на конечниот Извештај на Државната изборна комисија од спроведените предвремени парламентарни избори, на Изборниот законик, Законот и Деловникот на Собранието, предложи Парламентот да ги верификува мандатите на сите 123 пратеници.
– Согласно член 13 од Деловникот на Собранието надлежност е на Верификационата комисија врз основа на Извештајот на ДИК за избор на секој пратеник да поднесе писмен извештај со предлог за верификација на мандатот на секој пратеник пооделно. Во случајов согласно Извештајот на ДИК неспорно пратениците на коалицијата СДСМ, НСДП, ЛДП, ОМ, Партија за движење на Турците на Македонија, ПЦЕР, Српска странка во Македонија, Демократски сојуз на Власите и Санџачка лига и пратеникот на Национална демократска преродба се избрани за пратеници на предвремените избори одржани на 27 април – рече Николовски.
Исто така, тој укажа дека согласно член 65 став 5 од Изборниот законик за секоја кандидатура е потребна писмена согласност односно изјава на кандидатот која е отповиклива.
– Во Уставот на Република Македонија, во Законот за Собрание и во Деловникот не е предвидена одредба избран пратеник да има право да даде изјава со која не прифаќа да му биде верификуван мандатот. Во Уставот и во Законот за пратениците е утврдено дека мандатот на пратениците го верифиува Собранието и дека мандатот на пратеникот почнува да тече од конститутивната седница односно од денот на верификација на мандатот – изјави Николовски.
Ги прочита имињата на сите 123 пратеници чии мандати ги верификувала комисијата и му предложи на Собранието да го стори истото.
На членовите на Владата кои се избрани за пратеници им престануваат функциите, но заради обезбедување континуитет во работата тие ќе ги извршуваат до изборот на новиот владин состав. На седницата присуствуваа новоизбраниот претседател Ѓорге Иванов и други гости од политичкиот и јавниот живот во Македонија, верските лидери, како и претставници на дипломатскиот кор, меѓу кои и амбасадорот на САД Пол Волерс и првиот човек на
делегацијата на ЕУ во Македонија Аиво Орав. Ова е осми состав на македонското Собрание.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


