| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски и Иванов на свечена академија по повод 9-ти мај

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска присуствуваше на свечена академија по повод 9 Мај – Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот.

mntt-gruevski

Свечената академија се одржа во Македонскиот Народен Театар.

 

На Академијата говор одржа претседателот на Република Македонија, а присуствуваа неколку министри од македонската Влада.

 

Иванов рече дека идната година се навршуваат 10 години од кандидатскиот статус на Република Македонија, години, како што посочи, со реформи, работа и цврста увереност во европската индина на Македонија.

 

– Македонските граѓани очекуваат до 10-годишнината од кандидатскиот статус Република Македонија да ги има почнато преговорите за членство во Унијата. Градејќи ја Европа во Македонија, сакаме Македонија да биде во Европа – порача Иванов.

mnt-ivanovv

Според него Македонија како европска држава се однесува европски. – Очекуваме, додаде, и ЕУ кон Македонија да се однесува европски, да опстои на своите основни принципи: мирот, демократијата, владеењето на правото, човековите права, правото на самоидентификација и човечкото достоинство. Принципи во кои ја гледаме причината и смислата на нашата евроинтеграција.

 

Посочувајќи дека на 9 Мај го славиме Денот на Европа, рече дека некои се уште го злоупотребуваат ветото за да ја спречат европската иднина на Македонија.

– На 9 Мај ја славиме победата над фашизмот и нацизмот. Но овие погубни идеологии се уште живеат во затворените и заматените умови на поединци кои сеат ксенофобија, нетрпеливост и омраза кон поинаквите – рече Иванов додавајќи дека нас не загрижуваат ненаучените лекции од 20. век.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top