
Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, денеска најави дека Владата ќе ги санира сите места каде што се лизга земјата, со што ќе се
надминат потенцијалните проблеми при влошени временски услови.
При посетата на Кратово, Ставрески укажа дека веднаш по информацијата за свлечиштето во овој град, Владата на итна седница одлучила да се испрати екипа од Јавното претпријатие за државни патишта, Градежниот факултет и фирми кои можат да излезат во пресрет. Во првите неколку дена, појасни, се преземаа зафати за да се спречи натамашното лизгање на земјиштето и денеска веќе може да се види дека е надмината таа фаза.
– Добро е што имаме првични резултати, меѓутоа во следната фаза е потребна целосна санација за да се поправи свлечиштето. Жителите на Кратово можат да бидат сигурни дека Владата ќе им излезе целосно во пресрет и оти ќе се преземат сите мерки за целосна санација на ова свлечиште. На тој начин еднаш засекогаш да се реши прашањето за ова потенцијално свлечиште за оние кои го користат патот од Кратово до Пробиштип – изјави Ставрески.
Владата, како што рече, презела активности за санациски зафати на уште 6-7 други места во земјава, како, на пример, во Маврово-Ростоше.
Со проектот на Светска банка ќе бидат санирани 6-7 места каде што се лизга земјата.
– На тој начин ќе биде помогнато да се надминат потенцијалните проблеми кои постојат кога има влошени временски услови – посочи вицепремерот Ставрески.
Посетата на Кратово најави дека ќе ја искористат за средба со градоначалникот и пратеникот од овој град, сите кои се надлежни за решавање на инфраструктурните и останатите проблеми на кратовската општина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


