| четврток, 6 декември 2018 |

Мора да се оправда довербата на гласачите

Од старо-новата власт се очекува забрзана реализација на веќе почнатите капитални инвестиции, кои ќе имаат поттикнувачко дејство врз националната економија со цел остварување на стратегиските приоритети за оваа година, како што се пораст на БДП од најмалку 3,2 проценти и зголемување на вработеноста. Приоритетно ќе биде и реализирањето на повеќето социјални мерки, како што е отписот на долговите на социјалноранливите групи граѓани

Изборите завршија. Еуфоријата на партијата што победи траеше многу кратко бидејќи таа веднаш ги засука ракавите и се зафати со планирање на наредните свои чекори за веднаш да почне со реализација на ветувањата. Всушност, таа не треба да почне со реализација на ветувањата, туку да продолжи бидејќи старо-новата Влада во континуитет ги реализира своите ветувања, па дури и повеќе од тоа. Првиот човек на владејачката партија, Никола Груевски, и луѓето околу него се свесни дека ја добија довербата на граѓаните благодарение најмногу на економските проекти и ветувања, и токму затоа мора да сторат сѐ за да ја оправдаат таа доверба преку практично спроведување на проектите. Кој е најгорливиот проблем што бара решение? Тоа, секако, е невработеноста, за која ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе ѝ обрне посебно внимание, со отворање 64.000 работни места. Тоа може да се исполни со доаѓање на странските инвестиции кои би апсорбирале голем дел од невработените. Друго клучно ветувања за остварување веднаш по изборите е и отписот на долговите кај социјалноранливите категории.

– Мислам дека Владата на РМ треба да продолжи со реализација на проектите што беа почнати пред изборите. Тоа особено се однесува на забрзана реализација на веќе почнатите капитални инвестиции, изградба на автопатишта, регионални и локални патишта, железничка пруга кон Бугарија, енергетски објекти. Тие активности ќе имаат поттикнувачко дејство врз националната економија со цел остварување на стратегиските приоритети за оваа година, како што се пораст на БДП од најмалку 3,2 проценти и зголемување на вработеноста, односно намалување на стапката на невработеност. Истовремено, тие инвестиции ќе бидат силен сигнал за странските инвеститори дека политичката клима во Македонија по изборите се нормализира и дека интересот на Владата е насочен кон тоа што беше централно ветување во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, натамошно зацврстување и поттикнување на економијата и подобрување на деловната клима во земјава. Тоа во исто време ќе биде силен доказ за граѓаните дека старо-новата владејачка гарнитура на ист начин продолжува во остварување на нејзините среднорочни цели, зголемување на економскиот растеж, на животниот стандард на населението и на вкупниот општествен развој на земјата – вели универзитетскиот професор Томе Неновски.

Според него, паралелно со тие активности, Владата на РМ постепено треба да ги реализира предвидените, односно понудените економско-социјални мерки во нејзината изборна програма, и тоа според временската динамика која е наведена во програмата.

– Во тие рамки, се чини, приоритетно ќе биде реализирањето на повеќето социјални мерки за заштита и помош на социјалноранливите лица, односно семејства во РМ, преку отпишување на нивните долгови врз основа на кредити, ТВ-претплата, електрична енергија, телефонски сметки. Реализацијата на таа мерка, веројатно, ќе биде најубедливиот доказ за граѓаните дека владејачката партија го продолжува курсот на реализација на тоа што го ветила, а што е една од најсилните причини поради кои таа во континуитет ги добива сите избори од 2006 година наваму – додава Неновски.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ како успешни формули за решавање на невработеноста во предизборието ги нагласуваше инвестициите што се најавени. Како првични се најавени инвестициите во Кичево и во охридско-струшкиот регион. „Ки сејфти системс“ ги утврдува банкарските, комерцијалните и градежните детали за инвестицијата во Македонија. Како што објави директорот на компанијата, Џим Скарпа, деновиве интензивно се подготвуваат за стартот на производството во земјава, прво во постоен, а во 2015 година и во новоизграден објект. Компанијата во Кичево ќе произведува воздушни перничиња и други компоненти за автоиндустријата, за што ќе вработи од 800 до 1.000 работници. „Ки сејфти системс“ има фабрики во 12 земји и вработува 9.000 луѓе. Се работи за компанија што снабдува 60 автомобилски марки, од најпродаваните, како „тојота“, до најлуксузните, како „астон мартин“. Во охридско-струшкиот регион е и најавата за инвестирање на „ОДВ електрик“, која треба да вработи 1.000 луѓе, плус уште една инвестиција во истиот регион, која треба да вработи 800 лица.

Најавена е и инвестицијата на компанијата „Веибо груп“, основана со турски капитал, а со седиште во Кина, која во Македонија треба да вработи 5.000 работници во најголемата европска интегрирана текстилна фабрика што ќе ја изгради на 40 хектари.

Претседателот на управниот одбор на „Веибо груп“, Алперин Селџук, објави дека нивната главна цел е брзо производство на нивните марки во Македонија и нивна достава до светските пазари.

– Македонија како дестинација за бизнис ја истражувавме две години, направивме споредби со други земји и донесовме одлука откако увидовме дека овде има квалификувана работна сила и пазар кој добро го познава текстилот – изјави Селџук.

Според него, одличните односи меѓу владите на Македонија и Турција биле клучни за да донесат одлука за инвестирање во Македонија. Вкупната инвестиција на „Веибо груп“ во Македонија ќе изнесува 400 милиони долари.

Значи, само со овие инвестиции би се исполниле околу 7.800 работни места. На нив се надоврзуваат и останатите најавени инвестиции кои, исто така, ќе остварат вработувања.

– Во само три и пол недели, 9 крупни компании донесоа одлука да инвестираат во Македонија. Во Кочани веќе дојде компанијата „Амфенол“, која ќе вработи 1.500 лица и веќе вработи 120 луѓе. Дојде и компанијата „Антура“, која веќе ја гради својата фабрика. Најави инвестиција уште една компанија за производство на семиња за цвеќе од Холандија со дополнителни 100 работни места. Задоволни се од работниците и од условите за бизнис. Веќе го препорачуваат Кочани на своите партнери. Верувам дека во иднина ќе доаѓаат и други инвеститори и ќе отвораат нови работни места – истакна пред изборите лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Тој ги наброја и останатите компании кои за краток период ја избраа Македонија како земја во која ќе инвестираат.

– Во Скопје производител на машини за печатарство, инвестиција со 200 директни вработувања, во Гевгелија инвестиција од 6 милиони евра со неколку стотици вработени, украинска инвестиција во Скопје со 150 директни и 50 индиректни вработувања. Македонската компанија „Сивус“ отвори 400 нови работни места во осум града низ Македонија. Тоа е нашето работење, на тоа најмногу сме фокусирани – рече Груевски.

Тој посочи дека во само три и пол недели се најавени околу 9.000 директни и околу 4.000 индиректни вработувања.

– За 25 дена се најавени 13.000 нови работни места. Така работи ВМРО-ДПМНЕ, така работи коалицијата „За подобра Македонија“ – нагласи Груевски.

Друга значајна мерка која треба да се реализира наскоро е отпис на долговите на социјалноранливите категории граѓани. Веќе се разговара со банките, ЕВН, топлификација  и со Македонската радио-телевизија за примена на мерката отпис на долгови на најранливите категории граѓани. Веднаш по формирањето на новата Влада ќе се почне со идентификација на граѓаните, пред сѐ приматели  на социјална помош. Сите ќе бидат повикани и со секој  поединечно ќе се разговара во врска со висината на долгот. Целата постапка се очекува да биде завршена до септември.

– Мерката – еднократен отпис на долговите – ќе опфати три групи граѓани. Приматели на социјална помош, невработени, семејства во кои има двајца невработени  или еден е невработен и не е во брачна заедница. И трето, ако во семејството се случила смрт или тешка болест којашто ги оневозможила луѓето да ги плаќаат обврските – изјави Зоран Ставрески, министер за финансии.

Ставрески најави дека со таа мерка се очекува да бидат опфатени десетици илјади граѓани, а ЕВН, банките и останатите субјекти ќе бидат ослободени од даноци кон државата за истата сума за која ќе отпишат долгови.

Тој ја посочи и мерката за намалување на даноците за училиштен прибор, кој предвидува намалување на ДДВ од 18 на пет проценти, што, како што рече, ќе значи заштеда од три илјади денари на годишно ниво за семејствата. Ќе се намали и данокот на бебешките производи што на семејствата ќе им заштеди околу 5.000 денари на годишно ниво.

Според Владимир Пешевски, ВМРО-ДПМНЕ е партија што си стои на зборот и исполнува сѐ што ќе вети, па и многу повеќе од тоа.

– Она што ние ќе го кажеме, го исполнуваме, правиме и повеќе од тоа. Сето тоа што сме го сработеле, го најавивме. Вработувањата во време на криза се должат на проектите од претходните програми. Оваа програма е уште покомплексна и очекувам уште подобри резултати. Не постои држава во Европа што во овој период толку ја намали невработеноста. Во делот на странски инвестиции се постигнати добри резултати, но ќе бидеме фокусирани на повеќе – најави Пешевски.

Тој смета дека спорот наметнат од Грција влијае негативно врз привлекувањето на инвеститорите, но не е клучен.

– Ние покажавме дека негативното влијание на противењето на Грција за евроинтеграција на Македонија може да се компензира со многу работа. Ние не велевме дека тоа е причината зошто немаме инвестиции, како минатите влади. Лесно е да се привлечат инвеститори ако земјата е без пречки за европската иднина. Ние тоа го поткрепувавме со подобрување на економијата и со инфраструктура, со даночни реформи – вели Пешевски.

Тој додаде дека ќе продолжат да работат поинтензивно и помудро, како и поискусно, но и дека паралелно ќе ги водат процедурите за влез во ЕУ и во НАТО.

– Економијата е базирана на психологијата на луѓето. За да се има добра потрошувачка и развој во економијата на една држава, многу зависи каква е општата клима во регионот. Речиси сите економски кризи се базирани на психолошката криза, губење доверба на луѓето во системот и токму затоа ние кажуваме дека имањето квалитетен тим во државата, кој ќе има политички стабилна клима и нема да ги конфронтира претседателот и премиерот, влијае врз севкупната клима, деловната клима, довербата во инвеститорите и потрошувачите. Кога владее хармонија, природно е да се биде дел од хармонијата. Ако сте во соседство каде што има проблеми, луѓето сакаат да си одат. А, во дел од градот каде што работите се средени, секој сака да живее. Така и со инвестициите – заклучи Пешевски.

Тој нагласи дека се работи на привлекување инвестиции во неколку различни локации низ земјава, сѐ со цел инвестициите од различни сектори и од различни индустрии да овозможат рамномерен развој на Македонија.

– За нас е важно сите граѓани на целата територија да имаат придобивки од напорот што Владата го направи за привлекување странски инвестиции – истакна Пешевски.

Тој додаде дека тоа е доказ оти стратегијата за отворање нови работни места ги дава бараните резултати.

– Тоа покажува дека стратегиите што ги поставивме за креирање нови работни места ги дава резултатите иако, како што повеќепати кажавме, е потребно извесно време за да се покаже дека концептот функционира и да подоцна да се движи сам од себе – истакна тој.

Според Пешевски, сега, кога веќе компаниите се убедени и кога има голем број присутни инвеститори кои се задоволни, е полесно да се убедат и други инвеститори да инвестираат во Македонија.

– Наредните четири години постепено ќе имаме многу поголем замав кај странските инвестиции, многу нови отворени работни места, но ќе има позитивен ефект и кај домашните инвестиции затоа што дел од нив ќе доработуваат, а за граѓаните е најважно тоа што ќе има, условно речено, притисок врз работодавците да се зголемуваат платите. Кога во еден крај ќе има поголем број работодавци, сосема е природно сите да се борат да ги задржат  најдобрите вработени, и тоа веќе се забележува и во Штип и во Кавадарци, каде што платите во останатиот дел од индустријата, во домашните компании, одат нагоре за да ги задржат вработените – додаде тој.

Според Пешевски, општо подигање на животниот стандард е целта што се остварува благодарение на странските инвестиции.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top