| четврток, 6 декември 2018 |

Прв саем на современа уметност во МКЦ

саем современа уметност

Граѓанското здружение за промоција и поддршка на културата „Континео 2020“ во соработка со партнерската организација ЈИЛДА од Торино, Италија имаат чест да го најават одржувањето на првиот саем за современа уметност – Паратисима Скопје, којшто ќе се одржи од 13 до 15 јуни, во просториите на Младинскиот културен центар – Скопје со наслов „Поврзувања“.
Од 9 мај до први јуни 2014 година е отворен јавниот повик за пријавување и учество на Паратисима и заинтересираните уметници ќе можат да го најдат повикот на официјалниот веб-сајт на Паратисима (http://paratissima.it) и профилите на Паратисима на социјалните мрежи.
За учество на саемот не постои претселекција, право на учество имаат сите заинтересирани автори – независно од форматот во кој се изразуваат. Форматот на Паратисима е едноставен: заедно со уметниците кои сакаат да учествуваат и да ја поддржат иницијативата, се реализира настан кој им дава видливост на уметничките дела и ја поддржува нивната промоција. Паратисима е наменета за сите, но таа особено се стреми кон поддржување и промоција на млади, неетаблирани автори, но истовремено презентира и афирмирани уметници на коишто им нуди нов контекст и простор за соработка во динамична и енергична средина.

За посета на настаните нема да се наплаќа билет. Учесниците и нивните дела ќе бидат соодветно распоредени во просториите на МКЦ со помош на фестивалскиот уметнички директор и куратор.
Паратисима дава можност на сите автори да бидат прикажани без претходна селекција, но на крајот на настанот ќе бидат селектирани десетина автори коишто ќе имаат шанса да ги прикажат своите дела на Паратисима во Торино, ноември 2014 година.
Паратисима Скопје е реализирана со институционална поддршка од Град Торино, торинската Стопанска комора, Младинскиот културен центар и Град Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top