Семејната куќа на главниот и одговорен уредник на весникот „Вечер“ и вестите на телевизија „Сител“, Ивона Талевска, ја зафати силен пожар во средината на септември минатата година. Деновиве, новите официјални полициски наоди покажаа дека огнот бил подметнат.
Талевска за „Република“ раскажува за кобниот ден.
– Останав зачудена од извештајот. Не се сомневавме дека некој намерно нѐ запалил. Немаше никакви закани, ниту, пак, проблеми – вели Талевска.
Несреќата се случила околу 16 часот попладнето, баш во моментот кога нејзиниот татко бил на горниот кат од куќата и во моментот ја гледал на вестите на „Сител“.
Токму тогаш, на приземјето од семејната куќа во Радишани, влегол подметнувачот кој истурил бензин и го запалил огнот. Брзата и трезвена реакција на таткото на Талевска, спречила трагедијата да биде поголема. Во пожарот изгорела целата покуќнина и целото приземје.
– Татко ми беше присебен и веднаш ја исклучи струјата. Соседите одма помогнаа и гасеа, а за среќа две пожарникарски коли кои беа во близината пристигнаа за помалку од 10 минути – раскажува таа.
И самата Талевска веднаш пристигнала на местото. Иако, за среќа, штетата е само материјална, малку требало да се случи трагедија.
– Татко ми беше прилично задишан и потресен – вели Талевска.
Според информациите на полицијата за подметнатиот пожар веќе има осомничени лица. Детали за истрагата ќе има наскоро.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


