Во Грција засега нема никакви коментари ниту прогнози за новата рунда разговори за името што ја закажа посредникот Нимиц за утре во Њујорк, јави дописникот на МИА од Атина.
Сите медиуми објавија информација за утрешниот состанок, но без дополнителни детали од „дипломатски извори“ или „неименувани стручњаци“ што е чест случај во рамките на антимакедонската кампања на грчките гласила.
Во меѓувреме, провладинот „Катимерини“, кој изминативе неколку дена е вистински „стручњак“ за македонската внатрешна политика и секој ден објавува по некоја анализа за политиката на македонските власти,новата рунда разговори за името ја поврза со „двојниот триумф на Никола Груевски на неодамнешните претседателски и парламентарни избори“ во Македонија.
Под наслов „Нови разговори на Нимиц со Грција и Македонија по триумфот на Груевски“, весникот информира за утрешниот состанок во Њујорк и останатиот дел од текстот го користи за повторно да го обвини премиерот Груевски за „екстремен национализам“. Иако поголемиот дел од текстот беше објавен и претходно, „Катимерини“ со денешниот коментар многу очигледно само дополнително „ги бомбардира“ читателите со остри напади против македонските власти.
Во исто време, весникот „Левиот пат“ објави анализа на познат грчки сценарист и филмски работник во која пишува дека проблемот со името, кој некогаш беше нарекуван „македонско прашање“ а сега е „Скопје“, останува „ отворена рана на грчката дипломатија“.
– Тоа е рана со карактеристики на самоповредување, затоа што нашата надворешна политика ја зголеми инфекцијата на раната, откако не се погрижи за нејзино лекување, кога и како што беше потребно – пишува весникот и признава дека ембаргото што во деведесетите години Грција во воведе кон Македонија беше дипломатска грешка иронично нарекувајќи ја „брилијантна“ идеја на Самарас додека беше во Министерството за надворешни работи.
Потсетувајќи дека „ постои зголемена чувствителност во северниот дел на Грција за прашања поврзани со надворешната политика“, авторот нагласува дека „со одбивањето на ’пакетот Пинеро’ од страна на тогашниот министер за надворешни работи Андонис Самарас, беа повредени елементарните правила на дипломатијата, и апсолутната бескомпромисност доведе до сличен став и кај спротивната страна“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Расистички скандал во Грција: Коментатор нарече црномурест играч „мајмун“
-
Нова демократија: Нови разговори со Скопје, ако Сириза не успее да го ратификува договорот
-
Нова демократија: Владата се наоѓа во распаѓање поради Договорот од Преспа
-
Воружен инцидент на границата со Грција: Војници на АРМ отвориле оган во обид да спречат поголема група мигранти да влезат на македонска територија!