| четврток, 6 декември 2018 |

Костимите од „Големиот Гетсби“ наградени со „Оскар“ на изложба во Франција

„Тајм“ го вклучи романот во неговата листа на 100 најдобри романи на англиски јазик

Scena86-Golemiot-Getsbi-1

„Големиот Гетсби“ на Френсис Скот Фицџералд е краток роман, класика на американската книжевност од која Австралиецот Баз Лурман направи раскошен, долг и скап филм, на кој беа ангажирани 960 актери и 1.160 други филмски работници. Лурман се одлучил да го сними филмот пред десет години кога го читал романот патувајќи со транссибирската железница. Буџетот за филмот изнесува 127 милиони долари, што е голема сума за остварување без суперхерои или ледени брегови. Поголем дел од парите е потрошен за снимање на раскошните забави што Гетсби ги организира во својот дом. „Прада“ и „Брукс брос“ ги обезбедија тоалетите и смокинзите, увезени се стари автомобили од САД, „Тифани“ помогна во изработката на накитот…

Според првите критики, акцијата, сценографијата, фризурите, Прадините фустани, движењата на камерата кај Лурман… ве оставаат без здив и кулминираат со првото појавување на Гетсби придружено со експлозија на огномет и Гершвиновата музика по половина час од филмот.

Scena86-Golemiot-Getsbi-2

Костимографијата, која Муча Прада и Кетрин Мартин специјално ја дизајнираа и изработија за филмскиот хит „Големиот Гетсби“, е изложена во музејот „Кодри“ во Франција, каде што е сконцентрирано производството на најфината француска тантела.

По неколкуте патувања низ светските метрополи, како Лондон, Њујорк, Токио и Шангај, костимите од филмскиот хит, конечно, пристигнаа дома. Реконструкцијата на моделите беше толку успешна што дизајнерката Кетрин Мартин се закити со најпрестижната филмска награда „Оскар“ за најдобра костимографија. Во рамките на изложбата се закажани предавања на тема „Мода и филм“, а најавени се и работилници.

„Големиот Гетсби“ е објавен на 10 април 1925 година. Дејството се одвива на северниот брег на Лонг Ајлен, Њујорк, за време на летото 1922 година. Романот одбележува еден временски период кој Фицџералд го нарекол време на џезот. Следејќи го шокот и хаосот на Првата светска војна, американското општество уживало во просперитетот на 20-тите години на минатиот век кога напредувала економијата. Во исто време прохибицијата, забраната за продажба и производство на алкохол, ги направила милионери нелегалните дистрибутери на алкохол и довела до зголемување на организираниот криминал. Иако ги идолигизирал богатите и гламурот на тој период, како Ник Каравеј во неговиот роман, Фицџералд се чувствувал неудобно со неограничениот материјализам и недостигот од морал што одел со него.

Scena86-Golemiot-Getsbi-3

Иако е адаптиран на бродвејска претстава и холивудски филм, во текот на годината на објавување не бил популарен продавајќи помалку од 25.000 копии за време на последните петнаесет години од животот на Фицџералд. Кога настапила Големата депресија и Втората светска војна, книгата е заборавена. По повторното нејзино издавање во 1945 и во 1953 година, бргу стекнала широка читателска публика и денес се смета како парадигма на големиот американски роман. „Големиот Гетсби“ стана стандарден текст во средните училишта и во универзитетските курсеви за американската литература во државите низ светот и го зазема второто место на листата на 100 најдобри романи на 20 век на „Модерн лајбрари“ (Modern library). „Тајм“ го вклучи романот во неговата листа на 100 најдобри романи на англиски јазик.

Фицџералд пишува лесно, точно, прецизно… Додека читате, вашето срце ги замислува сликите што ги опишуваат зборовите на Фицџералд. Едноставно, вие сте таму. Она по што Скот Фицџералд е најпознат, секако, е мелодичноста на неговите реченици, придавките кои ги користи и нивниот склоп во една точна, речиси ритмична реченица.

На аукција се продава првото издание на „Големиот Гетсби“

Примерок од првото издание на славниот роман „Големиот Гетсби“ на Френсис Скот Фицџералд, кое доживеа четири екранизации, ќе биде понуден на наддавање и може да постигне цена од 150.000 американски долари, објави аукциската куќа „Сотби“. Примерокот од романот што му припаѓал на критичарот и писател Малком Коули ќе се продава на аукцијата што ќе се одржи во јуни во Њујорк, заедно со писма на авторот Фицџералд и неговата необјавена песна.

– Во целиот свет книгата е признаена како едно од најголемите дела на американската книжевност на 20 век, кое зборува за трагичниот живот на Џеј Гетсби, односно американскиот сон – се наведува во најавата на аукцијата.

Можеби новата верзија на филмот „Големиот Гетсби“ со Леонардо ди Каприо и Кери Мулиган во главните улоги нема да го зголеми интересот за романот, но со сигурност ќе има влијание врз модните трендови годинава. Фустани за танцување со многу пулејки, украсени со кристали „сваровски“ и со реси, крзно, блескави дијадеми, пердуви и бисерен накит се само некои од деталите што преовладуваат на модната сцена благодарение на „Големиот Гетсби“. За титулата најочекуван моден филм годинава, главната заслуга оди во рацете на костимографката Катрин Мартин. За да го долови времето на декадентните забави, кога во ритамот на жешкиот џез се танцувале чарлстон и фокстрот, Мартин ангажираше врвни модни имиња. Италијанската дизајнерка Муча Прада креирала 40 гламурозни вечерни и коктел-фустани во раскошни нијанси на виолетова, сребрена, златна и смарагднозелена боја. Креаторите од „Тифани“ осмислија посебна колекција рачно изработен накит и сребрени украси кои се дел од ентериерот во филмот.

Секако, највпечатливите дијамантски и бисерни белегзии, ѓердани и шноли ги носи богаташката Дејзи, а по количина на скапоцен накит ја следи и Гетсби. Гетсби (Леонардо ди Каприо), како и сите останати машки ликови, носи исклучително елегантни костуми и пеперушки од модната куќа „Брук брадерс“ за вечерни пригоди, а во дневните варијанти – ленени кошули во земјени тонови и бермуди.

„Брук брадерс“ произведе 2.291 парче облека и модни детали за филмот: 200 смокинзи, 260 кошули, 55 триделни костуми. Накитот на Гетсби е од „Тифани“, а богаташот не ги симнува од нозе и чорапите од швајцарската модна куќа „Фогал“, додека во рака најчесто држи чаша шампањ „мојет и шандон“.

Во 1974 година, „Ралф Лорен“ беше задолжен за костимографијата на мегахитот „Големиот Гетсби“ со Роберт Редфорд и Миа Фароу во главните улоги. Сега, по речиси 40 години, тој повторно се инспирира од марката која помогна да се изгради. Сепак, неговата нова пролетна колекција, која ја претстави на Модната недела во Њујорк, не е заробена во времето, туку е модернизирана за да одговара на сегашните трендови.

Нова туристичка атракција – по трагата на големиот Гетсби

Филмот „Големиот Гетсби“ стана фокус на интересот и за тур-операторите, кои почнаа да нудат летни атракции под знакот на филмот. Електронскиот лидер за резервирање хотели, „Хотелст“ (hotels.com), веќе ги понуди првите туристички атракции, патувања низ клучните локации од филмот „Големиот Гетсби“, инспириран од познатиот роман на Френсис Скот Фицџералд.

Еве ги првите три понуди:

Семинаријата на Свети Патрик во Сиднеј. Иако добар дел од филмот се снимаше на американскиот источен брег, за луксузна вила на Гетсби беше избрана Семинаријата на свети Патрик во Сиднеј. За туристички посети на оваа семинарија веќе има голем број заинтересирани туристи од сите страни на светот.

Замокот „Охека“ на Лонг Ајленд. Неговата прекрасна градина во филмот послужи како место каде што се организираа главните забави.

Хотелот „Плаза“ во Њујорк. Во романот овој хотел е убаво опишан како место каде што ликовите се собираат на чај, а во филмот – тука се снимени и некои сцени. Самиот хотел е изграден во 20-тите години на минатиот век, во истиот период кога се одвива и приказната. Денес, суператрактивниот хотел со пет ѕвездички нуди „Гетсби сместување“ по почетна цена од 480 евра.

 

(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 86. број на неделникот „Република“, 25.04.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top