Состојбите во Украина доминираат на меѓународната сцена. Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен смета дека Русија ќе направи „историска грешка“ доколку продолжи да ја дестабилизира Украина, пренесоа француските медиуми. според него, таа „историска грешка“ може да има „значителен одраз врз односите меѓу Русија и Западот“. Овој став Расмусен го искажал во интервју за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Тоа пак, ќе шредизвика„да бидат наметнати сурови санкции против руската економија“, но Расмусен уверува дека членовите на НАТО „не зборуваат за воена интервенција“.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон, пак, побара независна истрага на околностите кои доведоа до мноштвото убиени и ранети во Одеса. Повика виновниците да бидат изведени пред правдата. Според неа, настаните треба да доведат до сериозно размислување, а Украинците треба да го искористат моментот за да ја надминат вештачки наметнатата поделба од последните неколку месеци. ЕУ ги повикува сите да бидат максимално воздржани и да не го искористуваат овој случај за дополнително наметнување на омраза и за предизвикување на бесмислено насилство. Ештон инсистира сите политички сили да го преземат својот дел од одговорноста и да преминат кон мирен дијалог за да пронајдат излез од кризата. Потенцира дека сите страни кои го потпишаа договорот од Женева треба да ги зголемат своите напори за неговата примена.
Американскиот државен секретар Џон Кери изјави дека Русија треба да направи повеќе за намалување на тензиите. Важно е Русија да ја повлече својата поддршка за сепаратистите, кои преземаа владини згради во десетина населби во југоисточна Украина, го пренесоа американските медиуми Кери.
Кери и Лавров разговарале за насилството во Одеса, каде најмалку 42 лица загинаа во судирите меѓу приврзаниците и противниците на Владата. Лавров, од своја страна, ги повика САД да го употребат целото свое влијание за да ги принудат киевските власти под итно да ги прекинат борбените дејствија во југоисточните региони на Украина, да ја повлечат војската и да ги ослободат учесниците во протестите, соопшти руското Министерство за надворешни работи, цитирано од ИТАР-ТАСС, од каде се додава дека Лавров подвлекол „дека казнената операција во југоисточна Украина земјата ја турка кон братоубиствен конфликт“.
Во разговорот со Кери, Лавров истакна дека е важно да се активира потенцијалот на ОБСЕ за намалување на тензиите во Украина и почнување на општонационален дијалог, најмногу по уставната реформа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


