| четврток, 6 декември 2018 |

Ерсој: Активно работиме на воведување нови дестинации

Откако ТАВ го презеде управувањето на скопскиот и на охридскиот аеродром, воведени се многу нови линии, многу нови авиокомпании сообраќаат во земјава, што овозможи да се зголеми бројот на патници што летаат по многу достапна цена, но да се зголеми и бројот на туристи што доаѓаат овде за да ги видат и почувствуваат природните убавини на Македонија

Модернизацијата на скопскиот аеродром го стави на мапата на многу авиокомпании. Што понудивте ново што го немаше дотогаш?

Ерсој: Почнавме да оперираме со аеродромите во март 2010 година. За една година ги завршивме градежните работи и модернизацијата на охридскиот аеродром и го зголемивме капацитетот на терминалната зграда со дополнителни шалтери за регистрација, пунктови за пасошка контрола, ја реновиравме чекалната и инсталиравме нов систем за ракување со багажот. Ги реновиравме и паркингот за автомобили, платформата, административната зграда и каргоцентарот. Исто така, изградивме нов паркинг, ВИП-зграда и хангар за авиони.

За 18 месеци ги завршивме градежните активности на скопскиот аеродром. Во рамките на тоа, изградивме модерна терминална зграда со 23 шалтери за чекирање патници, 24 пунктови за пасошка контрола, шест авиомостови, пет порти за автобус (вкупно 11 порти), информациски, механички и електричен систем итн. како и паркинг за 1.206 возила.

Ја продолживме пистата за 500 метри и изградивме нова административна и противпожарна зграда и каргохангар со капацитет од 40.000 тони годишно (со капацитет за секаков вид стока). Воените простории се преместени надвор од периметарската ограда на аеродромскиот комплекс.

 

За колку е зголемен бројот на нови авиокомпании откако ги презедовте аеродромите во Скопје и во Охрид?

Ерсој: „Пегасуз“, „Виз ер“, „Флајдубаи“, „Корендон“, „Џетерфлај“, „Алиталија“, „Германија“, „ТУИ аркефлај“.

Порано имаше 15-19 дестинации, сега има 27 директни дестинации.

 

Статистичките податоци покажуваат зголемување на бројот на патници. На што се должи овој тренд, на новите авионски линии, новата зграда или на подобрената услуга?

Ерсој: Секој од нив има позитивно влијание:

  • Нов модерен аеродром со доволен капацитет и објекти
  • Маркетиншки истражувања. Постојано присуствуваме на меѓународни конференции и на саеми за воздушен сообраќај и за туризам со цел да ги промовираме аеродромите и Македонија.
  • Наши мотивации и владини субвенции за туризам и за воздушен сообраќај
  • Колку повеќе нови дестинации, толку подобри цени и зголемување на воздушниот сообраќај

 

Кои новини може да ги понуди аеродромот во однос на нови линии и нови дестинации до кои ќе може да се стигне?

Ерсој: Од април, „Виз ер“ воведе четири нови дестинации – Париз, Франкфурт, Келн и Брисел. Од мај, „Алиталија“ ќе почне да оперира Рим – Скопје. Нашиот маркетиншки тим напорно работи за да привлече нови авиокомпании и да ги мотивира постојните да ги зголемат своите фреквенции или да воведат нови дестинации. Но, потребно е време за да се завршат преговорите и да се убедат авиокомпаниите.

 

Како и колку аеродромите ги поттикнуваат економските активности во една земја?

Ерсој: За разлика од други сектори, воздухопловството поттикнува верижна реакција во многу сектори:

  • Директни сектори: авиокомпании, аеродроми, воздушниот сообраќај и воздушна опрема и услуги
  • Индиректни сектори: снабдувачи, производители на опрема, деловни услуги
  • Индуцирани сектори: снабдувачи на стока и услуги за индиректните сектори
  • Катализирани сектори: хотели, ресторани, такси-служби, забава итн.

Ја поттикнува трговијата:

  • Воздухопловството им овозможува на компаниите брз и ефикасен пристап до пазарите и ја поттикнува меѓународната трговија
  • Гарантира пократко и предвидливо време на патување
  • 35 проценти од светската трговска вредност на произведена стока (3,5 трилиони американски долари) се пренесува по воздушен пат
  • Пораст на авиокарго-превозот за 65 проценти на светско ниво за 10 години

Отвора нови работни места:

  • Воздухопловството, синџирот на снабдувачи, дополнителните индустрии и обртот на вработени во овој бизнис сочинуваат преку 33 милиони работни места и БДП од 1,5 трилион американски долари годишно на светско ниво
  • 13,2 нови работни места за секои нови 1.000 патници
  • Со секои 100 директни вработувања во воздухопловниот сектор се отвораат 480 нови работни места во индиректните индустрии
  • Само на Единствениот европски воздухопловен пазар беа отворени 1,4 милион нови работни места во периодот од 1995 година до 2004 година

 

Alper-Ersoj-TAV-int86-2

Колку сте задоволен од соработката со овдешните власти и колку нивниот однос кон вас, како инвеститор, Ви го олесни работењето?

Ерсој: Соработката со Владата на Република Македонија, која е од суштинско значење за странските инвеститори, почнувајќи од вицепремиерите, Министерството за транспорт и врски, Агенцијата за цивилно воздухопловство, М-НАВ (Македонска навигација), Министерството за внатрешни работи и други владини институции, е значајна и нè охрабрува да водиме бизнис овде. Благодарни сме им на сите владини институции за помошта во олеснувањето на процесите и за наоѓањето решенија во рамки на постојните закони и регулативи секогаш кога сме имале тешкотии.

 

Колку субвенциите на Владата за поевтини авиолетови ја остварија својата цел?

Ерсој: Владите имаат одговорност да им го олеснат животот на своите граѓани и да обезбедат приходи за нови инвестиции, како и за поголем просперитет на граѓаните. Македонската Влада, преку субвенциите за воздухопловството, им овозможува на своите граѓани да отпатуваат до многу нови дестинации по достапна цена. Дополнително, ова привлекува повеќе туристи во земјава. Секој турист троши пари овде, па така хотелите, рестораните, снабдувачите итн. заработуваат и ги плаќаат даноците кон државата. Вистинска верижна реакција.

 

Какво е Вашето мислење за земјава и за нејзините економски перспективи?

Ерсој: Земјава веќе долго време има стабилна економска и правна положба, што е важен показател за странските инвеститори, а конкурентната даночна понуда на македонската влада е дополнителен клучен фактор, кој влијае на одлуката на инвеститорите. Географската положба, квалификуваните млади луѓе и стабилните и разумни стратегии ни влеваат оптимизам за иднината на државата.

 

Во аеродромот инвестиравте во услови на најголема економска криза. Како успеавте во тоа?

Ерсој: Бизнисот го почнавме за првпат во 2000 година. Во 1999 година Турција беше погодена од силен земјотрес, кој однесе речиси 40.000 човечки жртви и овој земјотрес многу ни влијаеше во првата година, во 2000 година. Никој не сакаше да патува во Турција, сите се плашеа. Во 2001 година Турција ја зафати локална економска криза, некои банки банкротираа, а во Њујорк се случи терористичкиот напад 9/11, во кој авион послужи како оружје. Тоа имаше директно влијание врз целата воздухопловна индустрија. Вкупниот број на патници драстично опадна. Следуваше војната во Авганистан, па војната во Ирак, а тие земји се близу до Турција, потоа се појави САРС, птичји грип, облаците од вулканска пепел, а потоа, бидејќи оперираме и во Тунис, се случи Арапската пролет таму. Искусивме секаков вид надворешни шокови – економски, земјотреси, војни, птичји грип, болести, но и покрај тоа, успеавме да достигнеме пораст од 14 проценти на сите аеродроми во периодот од 2000 година до 2013 година. Зошто? Бидејќи глобализацијата направи светот да лета. Светот лета, секој има потреба да лета, а секоја стока мора да биде пренесена – и сето тоа е поради глобализацијата. Вистина е дека имавме пад во бројот на патници, но секогаш успевавме брзо да се стабилизираме. Ова е отпорен бизнис, се соочивме со секакви кризи, но ние сме издржливи. Ние сме како бамбусово стебло – се виткаме, но не се кршиме и веднаш се враќаме во нормала.

Нашето искуство и способност за соочување со кризи во изминатата деценија, како и нашата доверба во земјата и високиот кредибилитет што го здобивме благодарение на реномираниот проект во многу земји, ни овозможи да се соочиме со целиот процес, па дури и во време на најтешката економска криза.

 

Кои се Вашите следни планови со аеродромот и во однос на модернизацијата и во однос на авиосообраќајот?

Ерсој: Ја комплетиравме нашата инвестиција и оттогаш се фокусираме на унапредување и на развој на воздушниот сообраќај во Република Македонија. Нашите очекувања за следниов период се пораст на бројот на патници и зголемен број летови за авионските компании со нов распоред на летови за секоја сезона. Во соработка со државните власти ќе продолжиме да привлекуваме нови авионски компании и да ги убедуваме да воведуваат нови дестинации. Очекуваме овој аеродром да стане клучен аеродром во регионот со тек на време. Веќе ги поставивме стандардите за квалитет во регионот и ќе продолжиме да ги усовршуваме нашите услуги.

 

Две години по ред добивате награда за најдобар аеродром во категорија под два милиони патници. На што се должи тоа?

Ерсој: Изградивме врвна терминална зграда и го подобривме квалитетот на услугите, со што ја заслуживме престижната награда ASQ за најдобра аеродромска услуга, која ја добиваме веќе две години по ред од Меѓународниот совет на аеродроми. Сега останува да го задржиме ова ниво на услуга и да го сочуваме бројот на задоволни патници бидејќи нашиот фокус е задоволување на потрошувачите. Постојано бараме нови решенија за подобрување на нашите услуги. Еден пример за тоа е воведувањето автобуска линија од градот Скопје до самиот аеродром. Нашите вработени постојано се дообучуваат за да им обезбедат најдобра можна услуга на патниците за тие да понесат со себе позитивно искуство од овој аеродром.

 

Разговараа:Александрија Стевковска и Горан Момироски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Алпер Ерсој, заменик на генералниот директор на „ТАВ холдинг“, е објавено во 86. број на неделникот Република, 25.04.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top