Што имаат заедничко Силвио Берлускони, Герхард Шредер, Најџел Фериџ и Алекс Салмонд?
Тие се фанови на интернационалниот клуб на обожавателите на Владимир Путин.
Станува збор за политичари кои се родени и воспитувани во демократска традиција, но сепак чувствуваат одредена привлечност кон човекот кој е во центарот на осудата на поголемиот дел од западниот свет.
Во прашање е лидер на наводно модерна држава која анектираше територија на соседна земја (Крим), лидер кој предводи земја во која критичарите се затвораат, а хомосексуалците се прогонуваат.
И на самиот крај, станува збор за претседател кој себеси си обезбедил милиони, како и на своите соработници.
Тоа е човекот на кого Алекс Салмонд, лидерот на Националната партија на Шкотска, му се восхитува поради тоа што успеал да „обнови значителен дел од гордоста на Русија“.
Меѓутоа, Салмонд сепак внимавал да не ја мине границата со оваа изјава, додавајќи дека „не ги поддржува сите акции на Русија“.
Најџел Фериџ, британски евроскептичен политичар, лидер на Партијата на независноста во Велика Британија, исто така го дели ова мислење и восхит.
Во интервјуто што го дал на почетокот на април, тој изјавил дека, иако не ја одобрува политиката на Путин, смета дека неговото справување со кризата во Сирија е „брилијантно“ и дека му се восхитува на лидерот на Русија повеќе отколку на кој било политичар во светот.
„Во споредба со децата што ја водат надворешната политика на Велика Британија, кон него имам повеќе почит отколку кон сите нив заедно“, изјавил тој.
За националистите како Салмонд и Фериџ, Путин претставува светол пример на популизмот во акција. Дури и со економска стагнација на земјата, Путин е во состојба да собере голем број Руси под својот патриотски барјак.
Русинот ги има и симпатиите на Берлускони, поранешниот премиер на Италија и осуден криминалец, кој во него гледа човек сличен на себеси.
Господинот Шредер, поранешниот канцелар на Германија кој го прослави својот 70-ти роденден во друштво на Путин, како и повеќето Германци му се восхитува на неговиот антиамерикански став, неговата способност да понуди алтернативен наратив на арогантното наметнување на либералниот консензус на Вашингтон. Тој во меѓувреме е и член на бордот на директори на Газпром, рускиот енергетски гигант.
Нормално, треба да се истакне дека Владимир не е ниту луд ниту лош, а има и идеологија зад неговите потези – идејата за Евро-Азија која на Русија би ѝ ја вратила некогашната сила, како и нејзиниот инстинкт за преживување кој едно време беше целосно загубен и успиен.
Меѓутоа, неговата конструкција на култот на личноста, деградација на естаблишментот во Русија и отворената агресија кон Украина би можеле на неговата земја, евентуално, да ѝ нанесат голема штета.
Сето тоа повеќе зборува за нив, отколку за Владимир Путин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



