| четврток, 6 декември 2018 |

Строе: Опозицијата да го заземе своето место во Парламентот

stroe

Честитки за граѓаните кои учествуваа на изборите на 27 април, почит и честитки за победата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од премиерот Никола Груевски на парламентарните избори и до претседателот Ѓорге Иванов за неговиот реизбор, како и порака до опозицијата да ги заземе освоените пратенички места и да почне со работа во новиот состав на Парламентот, упати денеска Јонут Строе потпретседател на Алијансата на либерали и демократи (АЛДЕ) во ПС на Советот на Европа и шеф на Романската делегација во оваа институција.

– Резултатите на овие избори доведоа до еден изненадувачки чекор од СДСМ. Ова го потврдува фактот дека изборите се тест за демократијата, за нејзините граѓани и за политичките натпреварувачи. Во оваа смисла парламентарните партии можеби повеќе од другите и како претставници на народот ја имаат одговорноста во изградбата на слободна и демократска држава. Затоа претставува обврска на сите партии вклучително и опозицијата да делуваат во рамките на мандатот што им е даден. Демократијата може навистина да функционира само ако државните институции функционираат, а опозицијата игра важна улога во балансирање на извршната власт особено кога станува збор за грешки – изјави за МИА, Строе.

Смета дека најдобро решение е ако СДСМ ги заземе избраните пратенички места и започне со работа во новиот Парламент.

– Се надевам дека моменталните тензии ќе се решат. Ги повикувам политичките лидери во рамките на новата влада и опозицијата да бидат потполно свесни за нивната одговорност и заедно да создадат позитивна постизборна средина во која ќе се работи на реформите за спречување на демократските недостатоци и забрзување на евроатлантскиот интегративен процес што претставуваат чекори кон зајакнување на демократијата во оваа земја – истакна Строе.

Тој ја поздрави оценката на ОБСЕ/ОДИХР повторена и од претставниците на САД и ЕУ во однос на ефективното спроведување на неодамнешните избори. Еволуцијата на сегашната постизборна ситуација во Македонија, вели Строе, е важна за одржување на политичката стабилност на земјата од две гледни точки.

– Од една страна мирната транзиција на власта е суштински услов на демократијата. Победите и поразите се дел од демократијата, додека нејзината суштина е учеството. Затоа волјата на сите граѓани што го искористиле нивното право да гласаат треба да биде претставено во Парламентот – посочи Строе.

Од друга страна, додаде тој, забелешките за немање рамноправен натпревар на изборите може да се решат на заеднички начин. Партиите од власта и опозицијата, посочи, треба да работат заедно со цел преку реформи да се работи на техничките неправилности во изборниот процес.

Строе е пратеник од 2008 година и е член на највисокото раководство на Националната либерална партија во Романија

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top