| четврток, 6 декември 2018 |

Шампионките од Кометал Ѓорче Петров во нова атака на европската круна со Вардар

Двете наши познати ракометарки и поранешни репрезентативки на Македонија ќе го предводат ЖРК Вардар во атак на европската круна на завршниот турнир во Будимпешта. Пред нив е одлична шанса да станат единствени во историјата на Лигата на шампиони со титули и како активни ракометарки и како тренер, односно претсе- дател на клуб. Кастратовиќ ќе го предводи македонскиот првак од клупата, а Нацева е главен функционер на ЖРК Вардар, клуб што има можност да го освои првиот трофеј по новиот систем на натпреварување, преку настап на фајналфор турнир

Пред 12 години, на 19 мај, дождливата мајска ноќ во Скопје донесе многу радост, ерупција и шампионска круна од највисок ранг – од Лигата на шампионите, а хероини беа ракометарките на Кометал Ѓорче Петров. Во реваншот во Скопје со победа од 26-22, Кастратовиќ, Нацева, Радуловиќ, Будимир и останатите ракометарки на македонскиот првак ја анулираа предноста на унгарскиот Ференцварош од два гола разлика, 27-25, и во второто од вкупно три финалиња на тимот ја освоија европската круна. Две ракометарки од тогашниот состав имаат нова шанса во поинакви улоги да го репризираат успехот. Овојпат, Индира Кастратовиќ, како тренер на ЖРК Вардар, и Гордана Нацева, како претседател на клубот, се пред нов предизвик. Да се освои нова титула и да се влезе во аналите на Лигата на шампионите. Никој пред нив во женска конкуренција не успеал да комплетира колекција од два трофеа, во две различни улоги, на теренот со Кометал Ѓорче Петров и надвор од него како тренер и претседател на ЖРК Вардар. И за клубот ова е историска шанса во дебитантска сезона да го освои вредниот пехар во премиерното издание на фајналфор турнирот. Првиот дуел на завршниот турнир за македонскиот шампион е балканското дерби против Будуќност, утре, на 3 мај, а триумф ќе значи пласман во финалето и меч за титулата против подобриот од натпреварот меѓу унгарски Ѓер и Митјиланд од Данска.

 

 

Како е да сте во поинаква улога и пред историска шанса и за вас и за ЖРК Вардар?

Кастратовиќ: Многу е потешко кога сте од оваа страна отколку на теренот. Тоа го кажувам како тренер, а многу добро знам како е кога си играч. Ако не ви оди, ќе ве извадат од игра, ако сте добри, продолжувате на паркетот. Полесно ми беше кога играв ракомет. Тренерската функција е многу поинаква. Сега имам многу повеќе работа. Треба да се смисли стратегија како да се надигра ривалот, мора да се мисли на судиите и на многу други работи. Мои се 60-те минути во текот на натпреварот, но мора да работам многу и надвор од теренот. Оваа работа бара многу напор, треба да се направи анализа, добра подготовка, да се најде начин да се вкомпонира тимот во една сложна целина, што ќе функционира беспрекорно на теренот. Досега сум задоволна, одлично ни оди, а печат на успешната сезона ќе биде настапот на завршниот турнир во Будимпешта.

Нацева: Јас и не знаев дека пред нас е таква шанса – дека со Индира имаме можност да бидеме единствените што освоиле европска круна и на теренот и надвор од него. Супер би било да ја оствариме целта, но не заради нас, туку заради ракометарките на Вардар. За нив тоа би била круна на сезоната, па и на кариерите. Доколку се случи да станеме европски шампионки, ќе биде прекрасно. Ќе биде награда за вложениот труд и потврда за квалитетот, кој Вардар несомнено го поседува.

 

Има ли притисок пред стартот на завршниот турнир во Будимпешта?

Кастратовиќ: Јас ќе кажам само дека среќата ги следи храбрите. Верувам дека ние ќе бидеме храбри, максимално подготвени, сигурни во сопствениот квалитет, кој е неспорен, а турнирот ќе биде тежок за сите четири екипи. Верувам во успех и, секако, имаме еднакви шанси за титулата со останатите 3 екипи.

Нацева: Ова е сосема ново чувство и ситуација за мене. Веќе сме пласирани на завршниот турнир, што е огромен успех. Сега сме поискусни со Индира и често велиме дека нема ситуација што би нѐ изненадила. Дел сме од нов проект и верувам дека досега ги исполнивме сите задачи, па дури и отидовме над тоа што го очекувавме. Ќе играме за титулата во Будимпешта, што е огромен успех.

 

Бевте дел од Кометал Ѓорче Петров, екипа што играше три финалиња и освои една титула европски првак. Колку ќе значи вашето богато искуство во битката за титулата во ЛШ?

Кастратовиќ: Ова е сосема нов систем од тој што го игравме ние во нашето време. Нема два меча по системот дома и на гости, што значи дека сега сѐ ќе се решава на неутрален терен. Така и се подготвуваме, а девојките се максимално посветени да направат добар резултат на завршниот турнир. Моето и искуството на Гордана сигурно ќе помогне, но ние веќе имаме во составот ракометарки што биле европски шампионки со други екипи. И тие и останатите многу ја посакуваат титулата, што е добар знак пред почетокот на турнирот. Прво ќе мислиме на Будуќност, кој ни е прв противник, па потоа ќе размислуваме за тоа што следува, секако, ако го добиеме дуелот со Црногорките.

Нацева: Системот на натпреварување е различен, но некои работи остануваат исти, не се менуваат. Страста, огромната желба да се освои титулата, притисокот и посветеноста се исти. Тоа е нешто што веќе сме го минале и јас и Индира, и сега знам како се чувствуваат и нашите ракометарки. Се обидувам да помогнам, да ја смирам топката, но тие се големи професионалки и знам дека ќе немаат проблем да се справат со притисокот. Секако, не им е лесно бидејќи влогот е голем. Сега шансата е пред нив, тие го знаат тоа и знам дека ќе сторат сѐ за да ја искористат. Од нас ќе имаат максимална поддршка, без разлика што ќе се случи во Будимпешта.

 

Распоредот на настаните во Лигата на шампионите доведе до ситуација да има балканско дерби меѓу Вардар и Будуќност. Посакувавте поинакво сценарио или противникот е по ваша мера?

Кастратовиќ: Сите четири екипи што ќе играат во Будимпешта се квалитетни, сите ја посакуваат титулата и сеедно е кој ни е прв противник. Знаеме кој е Будуќност, екипа што е европски гигант, со многу титули и очекувам тежок и неизвесен дуел. Нијанси ќе одлучуваат, а важно е да дадеме максимум, да потврдиме дека заслужено сме дел од големата европска четворка. Секако, ќе играме за победа, за финале, а ми се чини дека фаворит нема и шансите се еднакви.

Нацева: Одлично се познаваме, имаме одлични релации со Будуќност, а речиси и неизбежно беше да има дуел меѓу нас во овој циклус натпревари во Лигата на шампионите. Ги почитуваме, имаат големо искуство од ваков тип мечеви, но Вардар е во добра форма. Играме сѐ подобро и веруваме во сопствениот квалитет. Ќе одлучува моменталната инспирација, а верувам дека Вардар ќе се најде во финалето.

 

Многумина го посочуваат Вардар како најсериозен кандидат за титулата. Која екипа, според вас, е главен фаворит за пехарот во ЛШ?

Кастратовиќ: Речиси сите го потенцираат екстра- квалитетот на нашите ракометарки, но имаше многу скептици, кои не веруваа дека ќе успееме сето тоа брзо да го вклопиме во систем што ќе функционира беспрекорно на теренот. Велеа дека имаме добри играчи, но немаме доволно време за да креираме игра, да оствариме добар резултат. Ние, сепак, успеавме во многу кус период да созрееме како сериозен колектив во сите сегменти. Клубот постојано расте и тој тренд ќе продолжи. Можеби Ѓер е во мала предност бидејќи ќе ја има публиката зад себе, но Вардар има уште резерви и состав со ракометарки кои имаат победнички карактер. Мина времето кога нашите екипи одеа на гостински терен за да загубат со што помала разлика. Впрочем, сите четири екипи сонуваат едно, па очекувам неизвесни натпревари во Будимпешта.

Нацева: Ги почитувам аналитичарите што истакнаа дека Вардар има одлична екипа. Тоа е факт, што и јас би го истакнала да сум од другата страна. Ние ја имаме најдобрата ракометарка на планетата Андреа Лекиќ и уште цела низа светски признати играчи, што ни дава за право да се надеваме. Најважно е што успеавме да го минеме најтешкото, сите нив од седум различни земји да ги вклопиме во здрава средина, во која има насмевки, прекрасна атмосфера и здрава конкуренција. Тоа е најголемиот успех на Вардар, без разлика како ќе завршиме на завршниот турнир. Ние веќе сме победници, а круна би бил трофејот во Лигата на шампионите.

Kastratovic-Naceva-rep87-2

Чекајќи нов настап во Европа, Гоца и Инди победуваа и со 50-0

Инцидентот против моќниот Хипо од Австрија, кога навивач на Кометал Ѓорче Петров го нокаутира контроверзниот сопственик на гостите Гунар Прокоп, го врати тогашниот македонски првак неколку чекори назад. Следуваше суспензија од една година, а чекајќи го враќањето на европската сцена, ракометарките на Кометал Ѓорче Петров победуваа и со 50-0 играјќи во македонската лига.

– Тоа беа тешки времиња, но и тогаш се потврди дека упорноста и трпението се лек за секоја мака. Спонзорот Трифун Костовски не се откажа од екипата, малку беа намалени платите, но костурот беше сочуван. Игравме само во македонското првенство, а се сеќавам дека на еден меч во Прилеп победивме со 50-0. Домашната екипа имаше шанса од пенал да постигне погодок, но некако топката ме удри в глава и останавме без примен гол. Како награда за страдањето, за макотрпната работа во тешки услови, без можност за излез во Европа, стигна успехот во сезоната 2001/02 против Ференцварош. Во Скопје со победа од 26-22 го анулиравме поразот со 25-27 од Будимпешта и ја освоивме Лигата на шампионите – вели ГорданаНацева.

Кастратовиќ блескаше на реваншот во Скопје и со 10 гола го разби унгарскиот претставник.

– Да се освои титулата европски првак е најголем успех на секој спортист. Се надевам дека ќе се повтори таа сезона, а Вардар има квалитет за реприза на успехот на Кометал Ѓорче Петров – изјави Индира Кастратовиќ.

Kastratovic-Naceva-rep87-3

Како го коментирате македонското ракометно чудо. Три екипи во Лигата на шампионите, врвен ракомет, гостување на светски екипи, кои не успеваа да победат во салата „Борис Трајковски“?

Кастратовиќ: Ние знаеме колку македонскиот народ го сака ракометот. Јас и Гоца го почувствувавме тоа од ерата на Кометал Ѓорче Петров. Луѓето сакаат спорт, особено ако е од врвен калибар. Јас посакувам и во другите спортови да има таква еуфорија бидејќи сум сигурна дека спортистите се најголемите амбасадори на една земја. Народот нѐ чувствува како свои, сакаат да коментираат, да помогнат, нѐ застануваат на улица за да нѐ поздрават, па и да нѐ искараат ако нешто не им се бендисува. Темпераментно се реагира во секоја ситуација, но тоа секогаш е добронамерно. Мене ме радува што одиме напред во останатите сегменти. Имаме прекрасна сала, се гради нова, во организацискиот дел се приближуваме кон врвните светски екипи, што е добар влог за идни успеси. Знам од сопствено искуство дека многумина се изненадени од тоа колку добро функционираат трите наши клуба што играа сезонава во Лигата на шампионите.

Нацева: Првото нешто што ми паѓа на ум е дека ракометот во континуитет прави успеси. Долго време имаме минимум два машки клуба што се многу квалитетни и играат рамноправно со европската елита. Сега и женскиот клуб Вардар се приклучи, очекувам и во другите средини да пораснат амбициите, да се инвестира, да се искористи еуфоријата што владее во земјава. Имаше спектакуларни натпревари, и тоа мора да се искористи, да се надгради, за да останеме во фокусот, за да продолжи македонското ракометно чудо. Си велам понекогаш, среќни сме што ракометната треска е овде во Скопје, во Македонија, што се игра ракомет во неверојатен амбиент. Проследено со огромен интерес од луѓето и од навивачите, кој ги надмина сите очекувања. Ракометот пристигна во секој дом, успесите прават чуда, а ние треба да ја искористиме оваа ситуација за да останеме долго во европскиот крем.

 

Будимпешта еднаш ви донесе среќа. Со Кометал Ѓорче Петров ја освоивте титулата откако анулиравте два гола разлика од првиот меч против Ференцварош. Ќе има ли реприза, овој пат со Вардар?

Кастратовиќ: Шампионското славење треба да се почувствува бидејќи е тешко да се опише со зборови. Тоа е уникатно чувство. Паметам дека навивачите нѐ чекаа речиси два часа за да пристигнеме на плоштадот во Скопје. Ги минавме сите церемонии, а мислам дека цел град беше собран на едно место, обоени во зелено-жолти бои. Нека биде така и во мај 2014 година, сега во црвено-црни бои.

Нацева: Пред 12 години во дресот на Кометал Ѓорче Петров против Ференцварош успеавме да си го оствариме сонот и да ја освоиме највредната клупска титула во ракометот. Бевме трпеливи и во силна конкуренција во второто финале во Лигата на шампионите успеавме да ја оствариме целта. Сега се надевам дека со Вардар нема да чекаме ново финале за да го кренеме пехарот. Им посакувам на ракометарките да го почувствуваат моментот што јас и Индира го доживеавме во Скопје по триумфот во Лигата на шампионите. Река од луѓе се слеваше на плоштадот. Ниту дождот на ја наруши феноменалната атмосфера при прославата на титулата. Супер би било во мај да има реприза од пред 12 години.

 

(Разговараше: Зоран Поповски | Фото: Александар Ивановски
Текст објавен во 87. број на неделникот „Република“, 2.05.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top