| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе се заштити и промовира обичајот „Водичарки“ од битолското село Беранци

vodicarki

Научните соработници од Институтот за старословенска култура –Прилеп годинава активно ќе работат на заштитата и промоцијата на обичајот „Водичарки“ од селото Беранци, општина Могила, Битолско, проект кој е дел од Националната стратегија за развој на културата 2013-2017 година во која се предвидени активности за заштита и програми за негување и популаризација на нематеријалното културно наследство.

vodicarki1
Со проектот, кој е поддржан од Министерството за култура, се предвидени конкретни мерки за заштита и промоција на ова значајно културно наследство кое, всушност, претставува женска поворка во која Водичарките се главни носители на народното празнување на обичајот Водици (Машки и Женски Водици), како и обредните дејства на празникот Цветници (Винопиец).

unnamed
Исто така, предвидено е снимање на ЦД со 50-ина водичарски обредни песни, подготовка на костимографија и сценографија за презентација на ова добро на културни манифестации и фестивали каде што се претставува „живото фолклорно наследство“, како и набавка на делови од облека: опинци, шамии -„даркми“ и сл. Во рамките на проектот, завршено е снимањето на видеоматеријал за изработка на спот преку кој ќе се презентира овој вековен обичај кој е дел од македонското нематеријално наследство.
Како резултат на сите активности, но и континуираната присутност на истражувачите на теренот, се очекува да се зголеми нивото на свеста за значењето на ова културно наследство со што ќе се овозможи поголема промоција на духовното културно богатство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top