Ракометарките на македонскиот шампион Вардар СЦБТ утрово заминаа за Будимпешта, каде што ќе настапат на најголемиот клупски ракометен спектакл оваа сезона, завршниот турнир во Лигата на шампионите.
„Црвено-црните” влегуваат во историјата на ова натпреварување како дел од четирите екипи кои ќе учествуваат на првиот „Фајнал-фор”турнир во женска конкуренција. На вчерашниот последен тренинг во пресрет на замнувањето за Будимпешта, присуствуваше и претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, кој ги поздрави нашите ракометарки.
– Ви посакувам голем успех. Бидете психички силни и физички издржливи. Со голема борба и волја, сигурен сум дека ќе успеете. Сепак, сметајте дека и пласманот меѓу најдобрите четири е голем успех. Како и да е, што се однесува до нас овде во Македонија, вие веќе остваривте успех со пласманот во елитата – им порача премиерот Груевски на македонските шампионки.
Според програмата, пристигнувањето на ракометарките во Будимпешта е предвидено за 13 часот, а веќе во 17 часот и 30 минути избраничките на Индира Кастратовиќ треба да го одржат и првиот тренинг.
Вардар СЦБТ в сабота од 17:30 часот во „Арена Ласло Пап“ во полуфиналето ќе игра против црногорскиот шампион Будуќност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.