| четврток, 6 декември 2018 |

Пленковиќ: Победата на ВМРО-ДПМНЕ е чиста како солза

Хрватскиот пратеник во Европскиот парламент, Андреј Пленковиќ, денеска упати критики кон опозициската СДСМ, откако Централниот одбор на оваа партија, синоќа одлучи да ги врати 34-те освоени пратенички мандати на неделните парламентарни избори.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Пленковиќ, кој како пратеник на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) е дел од Европските народни партии и еден од највлијателните во Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европарламентот, ја предупреди партијата на Зоран Заев дека „не се сите наивни”.

– Непризнавањето на резултатите на последните парламентарни избори во Македонија, но дури откако учествуваа на нив, најавата за враќање на мандатите, а без ниту една пријава до Државната изборна комисија, се чини е потег со кој Социјал-демократите сакаат сите околу себе да ги направат наивни. Зарем мислат дека македонскиот народ, но и ние во Европската унија, така лесно ќе го проголтаме она што се обидуваат да ни го сервираат? Зарем СДСМ мисли дека сите сме наивни – запрашува хрватскиот европратеник.

Според Пленковиќ, тој како дел од АФЕТ на Европскиот парламент, но и поголемиот дел од европратениците, допрва ќе влезат во жестока борба и ќе вложат максимални напори за Република Македонија да ги започне преговорите за членство во Европската унија. Тој смета дека сега е време да се вложи силна динамика за брз почеток на пристапните преговори, што пет години по ред за земјата ги препорачува и Европската комисија.

Пленковиќ вели дека иако потезите на СДСМ ќе и дадат „ветар во едрата“ на грчката анти-македонска политика, сепак, тој ветува дека Европарламентот ќе остане зад напорите на Македонија за членство во ЕУ.

– Победата на парламентарните избори на ВМРО-ДПМНЕ, како и на нивниот кандидат Ѓорге Иванов на претседателските избори, е чиста како солза. Тоа го покажуваат и извештаите на меѓународните монитори, кои имаат ситни забелешки. Токму затоа, Хрватска, но и ред други земји од Унијата и го честитаа и се уште го честитаат триумфот на премиерот Никола Груевски. Тој одлично ја води својата земја, а народот низа години наназад тоа го препознава и му го признава – дециден е Пленковиќ.

Реакцијата на хрватскиот европратеник е една од низата што од европскиот законодавен дом деновиве доаѓаат од Брисел. Претходно Давор Иво Штиер, Милан Звер и други европратеници, исто така, го осудија потегот на СДСМ и му ја честитаа победата на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top