Претседателката Колинда Грабар Китаровиќ на претседателот на ХДЗ Андреј Пленковиќ му го врачи мандатот за составување на 14. влада на Република Хрватска, јави ХРТ.
Пленковиќ на претседателката и доставил 91 потпис од пратениците во Саборот.
– Ви посакувам што побрзо да ја составите владата и да ја добиете довербата во Саборот, му порача Грабар Китаровиќ на Пленковиќ.
Претседателот на ХДЗ изјави дека е можно в понеделник, на 17 октомври, Хрватска да добие нова влада.
– Знаете дека претседателката го свика Саборот во петок попладне. Постои цела низа важни, формално-правни одлуки, кои мораат да се донесат. Ќе се договориме оваа седмица за динамиката на понатамошниот тек на седницата на Саборот, изјави Пленковиќ пред заминувањето кај Грабар Китаровиќ.
Тој најави дека разговорите за идните министри ќе почнат денеска и соопшти дека, наспроти гласините, во неговата влада ќе има и жени.
– Тоа не би бил јас, кога во владата не би имал барем неколку колешки, изјави Пленковиќ.
Според Уставот, Претседателот го доделува мандатот за составување влада на личноста, која врз основа на распределбата на пратенички места и направени консултации, ужива доверба кај мнозинството пратеници.
Тоа се вкупно 76 потписи за поддршка од пратеници, а исто толку гласови треба и за составување влада. Саборот има вкупно 151 пратеник.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.