| четврток, 6 декември 2018 |

Филмот „Во потрага по Шугармен“ главен кандидат за „Оскар“

sugarman_final_cvr_0

Документарниот филм „Во потрага по Шугармен“ (Searching for Sugar Man) на режисерот Малик Бенџелул, освојува награда по награда и е главен фаворит пред доделувањето на годинашните „Оскари“. Тоа е приказна за Сикст Родригез, музичар кој не беше свесен за својата популарност во еден дел од светот.

На почетокот на 70-те, Сиксто Родригез беше пејач кого многумина продуценти го сметаа за вонсериски талент, а некои дури го споредуваа со Боб Дилан. Меѓутоа првите два албума беа вистинско промашување и кусо потоа Родригез го напушта музичкиот свет и исчезнува.

Во меѓувреме пиратски снимки на неговата музика стигнуваат во Јужноафричката република и стануваат музика за борба против апартхејдот. Пркосните и ризични зборови на Родригез, особено во песните „Се прашувам“ (I Wonder) и „Шугармен“ (Sugar Man) силно одекнале меѓу жителите на Јужна Африка кои почнаа да протестираат против опресивната влада. Но, за нив, сопственикот на гласот бил потполна мистерија и почнале да се шират гласини дека умрел на најсензационални начини.

Благодарение на двајца најупорни фанови на Родригез. Стивен Шегерман и Кејг Бартоломеј, жителите на Јужна Африка ја откриле вистината за Родригез.

-Гитарата е центар на мојот музички свет веќе 40 години. Го сакам звукот што излегува од неа-во неа е се, вели Родригез, кој со тек на време сфатил дека преку своите песни може да испраќа пораки.

Останатиот дел од светот и понатаму не би знаел за приказната за Родригез да не беше телевизискиот режисер Бенџелул, кој одлучи да го сними својот прв филм токму за овој музичар, со или без негова соработка.

Премиерата се одржа во јануари 2012 година на филмскиот фестивал во Санденс, каде беше дочекан со овации, пред се поради присуството на Родригез.

-Во филмот има некоја магија, признава тој.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top