Лекарски тим на специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ од Охрид почна со спроведување нова оперативна метода за третман на дискуси, т.н. метода на апликација на „кејџ“ во лумбалниот дел на рбетот.
Директорот на установата Митко Тилев појасни дека веќе се спроведени два оперативни третмани со посочената метода, кај две пациентки од Струга и Битола, кои постоперативно добро се чувствуваат и веќе се опоравуваат. Специјалистот што ги спроведе операциите Митре Милошоски појасни дека се работи за имплант кај пациенти со тешки заболувања на лумбален дискус, кај кои постои сегментална нестабилност.
– Оваа метода што ја прифативме во Европа засега се работи само во Хјуманитус хоспитал во Милано, ние сме втора болница што аплицира ваков кејџ. Станува збор за импланти што се аплицираат сами, а не како досега кога слични импанти кога целиот сегмент беше потребно да биде дополнително фиксиран. Со оваа метода зафатот се упростува, се скратува оперативниот зафат, истиот е позбеден, а пациентите многу побргу се вертикализираат, појасни Милошоски.
Вообичаено се работи за пациенти што имале оперативни зафати на лумбалниот дел на рбетот, кај кои во повторените операции има повеќе работа.
– На местото каде се вади оштетениот дискус меѓу пршлените се става имплант што ќе го надомести тоа и тој дел ќе го држи стабилен и фиксиран. Заради поголема безбедност на пациентите, стабилност во држењето, се пристапува кон имплантирање на вакви торако-лумбални кејџови, додаде Милошоски појаснувајќи дека се работи за современа метода што се повеќе ќе се аплицира во слични институции во светот.
Од „Св. Еразмо“ најавуваат дека и понатаму специјалистичките тимови на установата ќе продолжат со воведување нови методи за подобрување на здравствените услуги, како за пациентите од Македонија, така и за лица од поширокиот регион.
– Моментално за оваа година имаме предвидено оваа метода да биде аплицирана кај триесеттина пациенти. Со соработката со Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство планираме да го зголемиме и обемот доколку има потреба. Сметаме дека ќе имаме доста пациенти оттаму што ние како институција сме први што спроведуваме метода во регионот, додаде Тилев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.