– „Дрекслермаер“ во Македонија ги почитува европските стандарди и таа треба да биде пример во регионот и пошироко. За Европа и ЕУ важна е соработката со околните земји заради стабилизација на економските односи и за отворање нови работни места, за развој и обука на стручниот персонал кој би се развивал дома и нема да се иселува – смета пратеникот во германскиот Парламент Јосип Јуратовиќ, кој денеска заедно со германскиот амбасадор во земјава Гудрун Штајнакер ја посетија фабриката кај Кавадарци.
Според него, задоволство е што фабриката се гради и се работи на тоа работниците да бидат задоволни.
Од раководството бил информиран дека во моментов се вработени 4.200 работници, што според Јуратовиќ е голем придонес за развојот на регионот.
– Јас лично потекнувам од автомобилската индустрија во која работев 22 години пред да поминам во Бундестагот. Имам одредено знаење за тоа што се случува во оваа индустрија и се радувам што видов многу иновативни развојни нешта во производството тука – рече тој.
Нагласи дека кога се развиваат вакви работни места треба многу да се внимава на образованието, обуката, квалитетот и социјалните стандарди.
Поддршка за ваквите инвестиции во Македонија изрази германската амбасадорка Штајнакер, која изрази задоволство што има ваков инвеститор во Кавадарци.
„Дрекслермаер“, како што рече техничкиот директор на фабриката, Лукас Мирингер, работи на иновации низ целиот свет и ним им е многу важно да ги задоволат стандардите на клиентите.
– „Дрекслмаер“ е многу заинтересиран за соработка со месните универзитети, но во иднина, исто така, би сакале да го развиеме дуалниот систем на соработка и со германските универзитети – нагласи Мирингер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.