
Џезот ја има таа моќ луѓето да ги заборават меѓусебните разлики и да се здружат и лошите околности да ги претворат во слобода, пријателство, надеж и достоинство, изјави во една прилика американскиот музичар Квински Џонс.
Ова е и главна мисла и водилка на денешниот ден, 30 април – Светски ден на џезот, кој се слави под покровителство на УНЕСКО. Телото на Организацијата на обединетите нации (ООН) ги слави вредносите на начинот на живот кој го промовира оваа музика.
Целта е на тој начин да се собере меѓународната заедница за да се разбијат предрасудите за џезот, да се научат новите генерации за каков вид музика станува збор и да се нагласи значењето на џезот во постигнување на заедништво, меѓукултурен дијалог и надминување на сите разлики.
Агенцијата „Баги комуникации“ во партнерство со „Ситимол“ се приклучуваат кон светската прослава на Меѓународниот ден на џез-музиката. Концертот, кој ќе се одржи на отворено, пред трговскиот центар „Ситимол“, ќе биде бесплатен за посетителите и ќе почне во 18 часот. На концертот ќе настапат најпознатиот македонски фјужн-состав „Kabadayas“, потоа „Oscar Salas Trio“, кубанско џез-трио (David Byrne; Jaco Pastorius; Arthur Barron), „Марија џез-трио“ и Марга Сол.
На концертот ќе биде емитувана видеопораката на Херби Хенкок, амбасадорот на добра волја за интеркултурен дијалог во УНЕСКО.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


