Добриот познавач на Македонија, Хајнц-Јирген Акст, оценува дека по изборите нема да има големи промени. Опозицијата своите критики ги пласирала предоцна, вели тој за „Дојче веле“. Сега треба да се прифати одлуката на гласачите.
– Сѐ продолжува како и досега. Конзервативната партија и претседателот ги добија изборите. Не сметам дека ќе има големи промени, така што и кандидатите на партијата и претседателот ќе бидат потврдени и веројатно ќе продолжат да работат како и досега. Кои проблеми притоа остануваат во Македонија, тоа е друга тема. Фактот дека социјалдемократите не сакаат да ги прифатат изборите, од моја гледна точка, е уште едно сомнително прашање, особено од аспект кога една партија по изборите во кои лошо минала, појаснува дека изборите биле манипулирани?! Доколку социјалдемократите претходно, во изборната кампања, јасно се изјаснеле, меѓународните набљудувачи би биле помалку скептични – ги коментира за „Дојче веле“ изборите во Македонија експертот за Балканот, проф. д-р Хајнц-Јирген Акст.
Тој, инаку, е категоричен дека е тешко од страна да се оцени дали ваквите обвинувања на социјалдемократите се одржливи или не, зашто за нивно прифаќање или одбивање потребно би било непосредно следење на целиот изборен процес.
– Имаше набљудувачи кои во принцип не се изјасниле толку критички за изборниот тек како што обвинуваше опозицијата. Од друга страна, демократските процеси во Македонија и натаму мора да продолжат. Владината политика е едно, а друго е што социјалдемократите навистина мора да видат дека парламентарните дискусии се поле на кое опозицијата може да поентира. Не е работата изборите да се прогласат за неважечки – коментира проф. д-р Акст.
Тој додава дека социјалемократите требаше да ги упатат критиките многу посилно пред изборите.
– Сметам дека социјалемократите требаше да ги упатат критиките многу посилно пред изборите. Во тој случај, доколку избирачите овие критики кон Владата ги прифатеа, социјалдемократите можеби ќе успееја и да профитираат. Но, доколку избирачите гледаат поинаку – тоа треба и да го прифатат – оценува за „Дојче веле“ проф. д-р Хајнц-Јирген Акст, експерт за Балканот и донеодамнешен раководител на катедрата „Жан Моне“ за европска политика на универзитетот во Дуизбург-Есен.
Фото: Дојче веле
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.