На седмото државно првенство на бармени кое денеска се одржува во хотелот „Стоун бриџ“ во Скопје, специјално учество како предавач ќе земе и победникот на првиот „Diageo Reserve World Class“, Аристотелис Пападопулос.
Како врвен експерт во своето поле, барменството, подготовката на коктели, нивното правилно конзумирање, покрај работата како интернационален судија, Пападопулос има и свое училиште за бармени. Дел од своите искуства, тој ќе ги сподели на едукативниот семинар за учесниците, кој ќе се одржи денеска во 15 часот во рамките на првенството.
Темата е виски.
– Вискито е многу повеќе од обичен пијалок. Иако повеќето конзументи го сакаат чисто или врз малку лед, тој е еден од најдобрите основни состојки на еден коктел. Неговата текстура, арома и вкус, карактеристични само за овој жолт еликсир даваат многу можности во изработката на неограничен број на комбинации и коктели – вели Пападопулос.
На државното првенство на бармени денеска, посетителите ќе имаат можност да пробаат голем дел од коктелите направени по рецепт на секој бармен поединечно. Победниците во двете категории, класична подготовка на коктели и флертендинг, ќе ја претставуваат Македонија и Здружението на бармени на Македонија на Светското првенство на бармени кое ќе се одржи во Кејптаун, ЈАР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.