Реномираното чешко списание за туризам и за патување „Травел дигест“ во најновиот број ја претставува Македонија и нејзините туристички потенцијали.
Како што јави дописникот на МИА од Прага, на пет страници, под наслов „Македонија – дива убавина што чека да ја откриете“ се претставени природните убавини и културно-историското наследство на нашата земја.
– Од малата, планинска земја се дојдени Александар Велики, просветителите Кирил и Методиј, а речиси 1.000 години подоцна и мајка Тереза. Откријте ја богатата историја, нескротливата природа и словенската гостопримливост на оваа земја порано од другите – се вели во уводникот на обемната репортажа, која ги претставува карактеристичните туристички дестинации како Охрид и Охридско Езеро, Маврово и Скопје.
Се препорачуваат факултативни излети за разгледување на мегалитската опсерваторија Кокино и античкиот град Стоби, како и посета на манифестацијата „Крушево етноград“ кога „оживуваат“ ликовите и настаните од Илинденското востание и Крушевската Република.
Можностите и потенцијалите на планинскиот и еколошкиот туризам во Република Македонија, за кој Чесите се многу заинтересирани во туристичкиот магазин се претставени преку селата Галичник, Лазарополе и Гари, во чијашто близина е и манастирот „Св. Јован Бигорски“ на планината Бистра.
Репортажата изобилува со фотографии од специјалитети од националната кујна и локалната гастрономија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.