Претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, го поддржа партискиот лидер Зоран Заев.
На прес-конференција изјави дека не ги признава изборните резултати според кои тој вчера доби околу 400 илјади гласа, односно околу 140 илјади помалку од претстедателот Иванов.
„Целосно стојам зад квалификациите на изборниот процес кои вчера ги кажа претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Да имаше демократија, разликата на овие избори ќе беше најмалку 100 до 150.000 гласа во моја корист“, беше одговорот на Пендаровски на прашањето дали ги признава резултатите потврдени од ДИК.
Главниот виновник за новата политичка криза со која се соочува земјата е владејачката партија, смета Пендаровски, кој останува на страната на опозицијата за да го брани концептот во кој верува – концептот за слободна Македонија.
Според него, граѓаните што гласале за ВМРО-ДПМНЕ не се виновни бидејќи тие морале да тргуваат со своите гласови.
Пендаровски упати апел до претставниците на меѓународната заедница, анализирајќи дека е симптоматично што странците по избори редовно се на разговор кај опозицијата, а не кај владата којашто е креатор на нерегуларностите. Тој побара од меѓународната заедница да ја критикува власта.
Со слично барање и генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, кој ја повика меѓународната заедница да даде директна оценка за регуларноста на изборите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.