| четврток, 6 декември 2018 |

„Скопски џез-фестивал“ дел од глобалната прослава на Меѓународниот ден на џезот

„Скопскиот џез-фестивал“ ќе биде дел од глобалната прослава на Меѓународниот ден на џезот, којшто под покровителство на УНЕСКО се одбележува на 30 април, со настан во МКЦ Клуб и ресторан во Скопје.

Прославата ќе почне во 20 часот со проекција на документарниот филм за животот на легендата на џез-пијанизмот Телониус Монк, „Straight, no Chaser“ од 1988 година. Филмот вклучува снимки од живи изведби и фотографии од Монк и неговиот бенд, како и интервјуа со пријатели и роднини кои раскажуваат за животот на ексцентричниот генијалец. Настанот ќе продолжи со концерт на реномирани македонски џез-музичари и групи, меѓу кои: Тони Китановски трио, Летечки пекинезери, Марија џез-дуо, Џезобел квинтет, како и двата бенда составени од студенти и професори на одделот за џез при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип: Ансамблот перкусии и Квартетот на Гоце Мицанов. Вечерта ќе биде заокружена со џем сешн.  Влезот е слободен.

Меѓународниот ден на џезот е настан кој секоја година се одбележува на 30 април и чија цел е зближување на заедниците, уметниците, училиштата, историчарите, академиците и џез ентузијастите од целиот свет во заедничко славање на џез-музиката, нејзините корени и нејзината иднина. Овој настан промовира подигнување на свеста за потребата од меѓукултурниот дијалог и меѓусебно разбирање, а негова цел е да ги зајакне меѓународната соработка и комуникација. Секоја година на 30 април, оваа меѓународна уметничка форма промовира мир, дијалог, разноликост, и почитување на човековите права и човековото достоинство,  искоренување на дискриминацијата, унапредување на слободата на изразување, поттикнување родова еднаквост и зајакнување на улогата на младите во донесувањето на социјални промени. Покровител на настанот е амбасадорот на добра волја и интеркултурен дијалог на УНЕСКО и претседател на Институтот „Телониус Монк“, џез-легендата Херби Хенкок.

Инаку, оваа година град-домаќин на официјалната прослава е Осака во Јапонија, каде што ќе се одржи големиот концерт со учество на најголемите светски џез-имиња меѓу кои и Кени Герет, Маркус Милер, Џон Скофилд, Вејн Шортер, Есперанца Спалдинг, Грегори Портер и многу други меѓународно афирмирани артисти, кој ќе биде пренесуван во живо на официјалната интернет страница www.jazzday.com.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top