Поради тоа што, и покрај сите ветувања, Русија досега малку придонела за деескалација на состојбата во Украина, Западот повторно треба да донесе нови санкции за Москва. Денеска во Брисел ЕУ расправа на тема санкции. Ветувања има многу, но видливи потези нема. Западот од Русија очекува да го искористи своето влијание за смирување на состојбата во источна Украина. Но, Москва не презема многу. Затоа амбасадорите на 28 земји-членки на ЕУ денеска во Брисел ќе разговараат за нови санкции против Русија. Притоа ќе стане збор за забрана за влез во ЕУ на влијателни Руси и блокада на банкарски сметки. Според наводи на Европската комисија, од санкциите треба да бидат погодени 15 лица. За економски санкции засега не се зборува.
САД, исто така, имаат намера брзо да спроведат санкции против Русија, најдобро паралелно со санкции од страна на Г7 и ЕУ. Американскиот претседател Барак Обама ја критикуваше руската влада дека не презема чекори за деескалација на состојбата на истокот и југот на Украина. Напротив, има јасни знаци дека таа дури и ги охрабрувала нивните активности, вели американскиот претседател.
Со планираната наредна рунда санкции треба да биде погоден тесниот круг луѓе околу рускиот претседател Путин, најави американскиот безбедносен вицесоветник Тони Блинкен за телевизијата „Ен-Би-Си“. Тој не исклучи дека некогаш во визир можеби ќе се најде и Путин лично, но нагласи дека не е вообичаено еден претседател на држава да биде казнуван директно на ваков начин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


