Во Брисел започна петата рунда на дијалогот за Косово. Премиерот на Србија, Ивица Дачиќ, денес се сретна со шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон, по што имаше заеднички ручек со косовскиот премиер.
Пред оваа средба, Хашим Тачи се сретнал со американскиот пратеник за Балканот, Филип Рикер, со претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо и со претседателот на ЕУ, Херман ван Ромпуј. По разговорот со Тачи Баросо изјави дека оваа година е клучна за дијалогот Белград – Приштина. Тој се надева дека оваа рунда ќе биде конструктивна како и претходните и ќе доведе до напредок во нормализацијата на односите на овие две земји.
Претходно од Белград и од Приштина беше најавено дека главна тема на оваа рунда ќе биде модалитетот за северот на Косово, а во таа насока Тачи по средбата со високите претставници изјави дека решението мора да се бара „во рамките на Уставот на Косово“.
– Тоа прашање не може да се реши без нормализација на односите со Србија, рече Тачи пред заминувањето во Брисел и додаде дека е свесен дека тоа е нешто што „им го должи на идните генерации“.
Претседателот на српската влада, пак, непосредно пред бриселската средба нагласи дека Србија нема да прифати укинување на институциите во северно Косово.
– Во Брисел одиме за да разговараме за функционирањето на институциите. Тоа значи за решавање на прашањето за постоење паралелни институции и за посебноста на Србите, како што дефинира Ештон, односно што би постоело таму како автономија, изјави Дачиќ.
Друга тема на дијалогот биле српските безбедносни структури во Косово, односно полицијата и тајните служби, за кои Приштина тврди дека се активни во северниот дел и дека треба да се повлечат.
Со изјавата дека Србите од Косово му доставиле податоци за присуство на полицијата во Приштина Дачиќ првпат отстапи од официјалниот став на Белград дека вакви структури во северно Косово нема.
-Јас треба да ги убедувам дека нема наша полиција, а Србите сами им ги дадоа регистерските таблички и податоци. Па, за што зборуваме, запраша Дачиќ.
Тој очекува конечно двете страни да го финализираат договорот за размена на службеници за врска, кој беше договорен во текот на претходната рунда во јануари.
Доколку во текот на оваа рунда дојде до напредок, тоа значајно ќе ги зголеми шансите Србија напролет да добие позитивно мислење од Европската комисија, па во јуни да и се одреди датум за преговори за нејзиното членство во ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Брегу: Проширувањето на ЕУ и поврзувањето на Западен Балкан се поврзани процеси
-
Во галеријата на Куќата на Ѓура Јакшиќ во Белград отворена изложба на теракотните икони од Виница
-
Трагедија во Белград: Трамвај излета од шини, еден загинат
-
Нова демократија: Нови разговори со Скопје, ако Сириза не успее да го ратификува договорот